Нападот на Хамас врз Израел ќе ја инспирира најголемата терористичка закана за САД од подемот на Исламската држава пред речиси една деценија, предупреди директорот на ФБИ Кристофер Вреј на сослушувањето во Конгресот. Вреј истакна дека од почетокот на израелско-палестинскиот конфликт во Газа на почетокот на овој месец, неколку странски терористички организации повикаа на напади врз Американците и Западот, што значително ја зголеми заканата од насилните американски екстремисти, пишува Фајненшал тајмс.
„Акциите на Хамас и неговите сојузници ќе бидат инспирација каква што не сме виделе откако Исламската држава го воспостави својот таканаречен калифат пред неколку години“, рече тој на сослушувањето пред Комитетот за внатрешна безбедност на американскиот Сенат посветен на заканите кон САД.
Американската влада забележа зголемување на заканите против Евреите, муслиманите и Американците со арапско потекло по избивањето на конфликтот во Газа, изјавија американски официјални лица.
Американскиот секретар за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас на сослушувањето рече дека омразата насочена кон еврејските студенти во САД од почетокот на конфликтот во Газа придонела за пораст на антисемитизмот. Белата куќа оваа недела изрази загриженост за антиеврејските инциденти на американските универзитети.
Тензиите меѓу произраелските и пропалестинските групи избувнаа во некои американски кампуси, вклучително и неколку во Њујорк, што ги натера претставниците на универзитетот да ја зголемат безбедноста.
„Омразата насочена против еврејските студенти, заедници и институции се надоврзува на претходниот пораст на антисемитизмот во САД и ширум светот“, нагласи Мајоркас.
Г. Т.