Режимските медиуми во Србија со години го величеа американскиот претседател Доналд Трамп, често до граници на политичка бизарност. Српски функционери јавно се фалеа со наводни лични односи и симболични гестови од Трамп, кои домашната јавност најчесто ги доживуваше како политички анегдоти без реална тежина. Но по американската воена интервенција во Венецуела, тонот драматично се промени. Прашањето е – дали осудата на нападот е единствената причина за овој пресврт, пишува N1.
Еден од најилустративните примери за поранешната опседнатост со Трамп е изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ од 2020 година, кога тврдеше дека добил пенкало со кое Трамп наводно ги потпишувал сите одлуки, како и „клучеви од Белата куќа“, со порака дека може да влезе кога ќе посака. Реалноста, сепак, покажа поинаква слика – Вучиќ не само што немаше слободен пристап до Белата куќа, туку, како што забележаа медиумите, не бил примен ни во приватната резиденција на Трамп.
По враќањето на Трамп во Белата куќа, Вучиќ повторно упати покана за негова посета на Србија, тврдејќи дека токму Србија била земјата со најголема поддршка за Трамп во Европа. Поддршка која, според критичарите, не би била толкава доколку провладините медиуми не водеа една од најнеобичните пропагандни кампањи на континентот – од билборди со пораки „Трамп Србине“ до јавни честитки емитувани на национални телевизии.
Иронично, токму во периодот кога Трамп повторно стапи на функцијата, во Србија започнаа масовни протести. Во тие денови, Вучиќ тврдеше дека новиот американски претседател ќе донесе закони што ќе го спречат мешањето во суверенитетот на државите и ќе го означат крајот на, како што рече, „лажниот либерален свет“.
Но нападот врз Венецуела го преврте наративот. Истите медиуми и политички актери кои до вчера го славеа Трамп, денес предупредуваат на опасен преседан и „колонијален начин на рушење влади со бомби“. Сопственикот на телевизијата Информер, Драган Ј. Вучиќевиќ, отворено изрази страв дека слично сценарио може да биде применето и врз Србија.
Дипломатката Бранка Латиновиќ ваквата промена ја опишува како чиста неконзистентност. Според неа, не станува збор за корисна корекција на ставовите, туку за политичка „превртливост“, односно отсуство на јасна и принципиелна позиција.
Слична недоследност, според критичарите, се гледа и во српската надворешна политика. Додека поголемиот дел од меѓународната заедница не ги призна изборите на кои беше реизбран Николас Мадуро, Србија му честиташе, а на неговата инаугурација испрати висока државна делегација. Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, од Каракас зборуваше за „топлите односи“ со Мадуро, па дури и пренесе анегдота во која венецуелански војник ѝ рекол „Александар Вучиќ, амиго“.
Денес, истиот „амиго“ во српската јавност порачува дека во светската политика нема пријателства и дека Србија мора да се потпре исклучиво на себе, предупредувајќи дека преседанот од Венецуела може да се примени и во регионот.
Според потпретседателот на Лигата на социјалдемократите на Војводина, Александар Оленик, ваквата реакција не е доследност, туку страв. Тој смета дека Вучиќ се препознал во судбината на Мадуро, бидејќи, како што тврди, и двајцата биле избрани на спорни избори, а новата практика покажува дека меѓународното право повеќе не нуди заштита за авторитарни режими.
Во целата приказна, нападот врз Венецуела има и економска димензија. Вучиќ предупреди дека интервенцијата е удар врз светскиот пазар на енергенси и обид да се истиснат конкуренти како Кина и Русија – теза што, според Латиновиќ, објаснува зошто дел од српските медиуми толку жестоко застанаа во одбрана на Венецуела. Не од алтруизам, туку од усогласување со интересите на Москва и Пекинг.
Оттука и клучното прашање што останува отворено: дали надворешната политика на Србија се води од суверено донесени одлуки – или од постојано додворување кон сите, во зависност од моментот, пишува N1







