ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација за човекови права и слободи и Редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА најостро го осудуваат актот на директорот на Канал 5, Иван Мирчевски кој упадна во програмата, во емисијата „Само вистина“ и со директни и груби изрази го избрка од студиото гостинот Исмет Рамадани, угледен интелектуалец, поранешен пратеник и актуелен советник во владата, и прв човек во Евроатлантскиот совет.
Со овој акт, Мирчевски покажа крајно потценување на медиумските слободи, и целосен недостаток на професионален и морален капацитет. Со нецивилизираното однесување и со бркањето на гостинот од студиото, пред очите на целата јавност, управителот на телевизијата директно ги прекрши етичките и професионалните стандарди и слободата на изразувањето.
Воедно, со својата постапка, управителот на телевизијата го прекрши и Законот за облигациони односи и грубо го прегази човековото право на слободен говор, со тоа што го оневозможи гостинот кој претходно го поканила телевизијата, да го изрази својот став.
Тоа е крајно неприфатливо!
Одговорност има и новинарот – водител на емисијата со тоа што доброволно и со одобрување му овозможи на управителот да ја преземе ситуацијата во свои раце и да го избрка гостинот во неговата емисија.
Овој немил настан е повод уште еднаш да се повикаат новинарките и новинарите да не подлегнуваат на притисоци од тие што настапуваат од позиција на моќ и ги кршат човековите права и слободи.
За овој акт и слични практики, мора да се поднесе одговорност. Најмалку што треба да се случи сега е гостинот Рамадани, но и целата јавност, да добијат извинување од редакцијата на емисијата и од Канал 5, а управителот да поднесе оставка.
Ја потсетуваме јавноста дека овој акт на Мирчевски ќе влијае и на оценките на меѓународните институции и организации за слободата на говорот и медиумските слободи.
Институциите, регулаторните и саморегулаторните тела имаат обврска и мандат најостро да го осудат ова однесување, и да го санкционираат.
ЦИВИЛ ја повикува јавноста решително и остро да ги осуди сите што се обидуваат да предизвикаат поларизација и меѓуетнички тензии.
Преземено: Цивил Медиа