Според извештајот на Европската комисија за Северна Македонија, посебно внимание треба да се посвети на промовирање на недискриминацијата, зголемување на ефективноста во справувањето со насилството и говорот од омраза и зајакнување на капацитетот и независноста на институциите задолжени за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинските заедници.
– Агенцијата за остварување на правата на заедниците треба да добие доволно средства за понатамошно промовирање на заштитата на малцинствата и спроведувањето на националната стратегија „Едно општество за сите и интеркултурализам“. Треба да се зајакне капацитетот на службениците за спроведување на законот и кривичната правда за ефикасно спречување и кривично гонење на сите случаи на насилство, злосторства од омраза и говор на омраза, се додава во Извештајот.
Донесените измени на Законот за матичните книги го отвораат патот кон решавање на случаите на бездржавјанство и исполнување на меѓународните обврски на државата, смета Европската комисија.
Во извештајот се посочува и дека земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во областа на слободата на изразување.