Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ попладнево и се обрати на јавноста за сообраќајната несреќа на министерот за одбрана Марио Баножиќ. Во несреќата загина возачот на комбето (40), а Баножиќ е тешко повреден.
Пленковиќ прво му изрази сочувство на семејството на загинатиот возач Горан Шариќ.
„Ги слушнавте околностите на несреќата и изразуваме жалење и загриженост за состојбата на министерот кој беше хоспитализиран со тешки повреди“, додаде тој.
Пленковиќ соопшти дека го разрешил Баножиќ, а го овластил државниот секретар Здравко Јакоб да ја врши должноста министер за одбрана.
„Лицата кои се заштитени лица од втора категорија имаат правило дека можат сами да возат. Тој го управувал сопственото возило. Одел во приватна режија. Подобро е заштитените лица да ги возат професионалци“, нагласи хрватскиот премиер.
Тој изрази жалење за загинатиот возач, но и за тешко повредениот Баножиќ.
„Жал ни е за господинот Шариќ кој почина, но ни е жал и за господинот Баножиќ“, рече тој.
На прашањето дали се точни информациите дека Баножиќ синоќа бил на забава и дали пристигнале резултатите од крвта, Пленковиќ одговори дека нема веродостојни информации и не знае каде тој бил синоќа.
Министерот за одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ утрово доживеа сообраќајна несреќа во која едно лице загина. Министерот управувал со сопственото возило кое се судрило со комбе, чиј возач загинал, пишува Индекс.хр.
Несреќата се случила во 6 часот и 15 минути. Од Општата жупаниска болница Винковци потврдиле дека министерот е тешко повреден, а владиниот портпарол изјави дека тој не се наоѓа во животна опасност. Баножиќ од винковачката болница ќе биде пренесен во клиничкиот центар во Осиек.
Како што се дознава, Баножиќ тргнал на лов кога се случила несреќата. Тој претекнувал во услови на магла.
Г. Т.