Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс денеска соопшти дека бројот на илегални премини на надворешните граници на Европската унија достигнал околу 331.600 во првите 10 месеци од годинава.
Ова е највисокиот вкупен број за периодот од 2015 година, при што централниот Медитеран останува најпрометната миграциска рута.
Агенцијата на ЕУ соопшти дека преку централномедитеранската рута, меѓу Северна Африка и Италија, во периодот од јануари до октомври пристигнале повеќе од 143.600 луѓе, што е највисок вкупен број во наведениот период за последните осум години. Фронтекс нагласи дека морските премини сè уште претставуваат рути со најекстремни опасности.
– Податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) покажуваат дека оваа година во Средоземното Море се пријавени 2.468 исчезнати лица, од кои повеќето пловеле по централномедитеранската рута, наведува агенцијата.
Извор: МИА