Пишува: ГОРАН ВОЛКАНОСКИ
Веројатно сте забележале дека често ги протежирам пишувањата на Маестро Бранко Тричковски.
Знае да биде понекогаш, незгоден, иритирачки. Па дури и вулгарен.
Мислам дека неговиот стил на кој го презентира личниот револт од нашиов однос кон процесите пред кои сме исправени, за многумина е неразбирлив.
Не сакам никого да девалвирам и потценувам. Ама факт е дека голем дел од јавноста не го вреднува вистински значењето на процесите пред кои сме исправени. Опозицијата и голем дел од медиумите создаваат амбиент на малодушност, резигнација и чувство на безнадежност. Состојба која ги пасивизира сите оние, кои во суштина се за создавање на функционални, напредни, општествени околности. Тие се таргет на опозицијата! Со своето делување минативе неколку години. Со сесрдна поддршка на неодговорните медиуми, со сите сили создаваат амбиент за пасивизирање и неутрализирање на овој дел од граѓаните на нашата држава, кои во суштина ги определуваат процесите. И ја определуваат сопствената иднина.
Тричко, и не само тој, туку и низа други слободољубиви, евроентузијасти, демократски настроени поединци (новинари, интелектуалци…) од петни жили се борат да го подигнат нивото на чувството на личната одговорност на секој од нас во овие историски времиња.
Времиња кога покажуваме дали сме станале зрело општество. Дали еволуираме во своите погледи и ставови, во насока на градење на општествени околности кои ќе бидат претпоставка за градење на толку посакуваните стандарди на живеење.
Го разбирам револтот на оние на кои не им се исполнија очекувањата. Но не го разбирам, нивното неразбирање дека патот за реализација на очекуваните состојби, мора да се изоди. И дека преку изодување на нашиот евроинтеграциски пат може да очекуваме реализација на сите оние политики кои ќе ги испорачаат посакуваните состојби.
Да резимирам – „Тричковизамот”, е можеби груб, но е отрезнувачки!
Вистината со која не соочува, можеби за многумина е непријатна. Ама колку и да е непријатно соочувањето со сопствените небулози и илузии, тоа ќе биде многу помалку болно од соочувањето со последиците со кои ќе се соочиме доколку после сиот напор на прогресивните демократски сили, повторно дозволиме да се вратиме во некој нов груевизам!