Русија ја нападна денеска Украина со околу 75 беспилотни летала Шахед од иранско производство, од кои 71 се уништени со противвоздушна одбрана, соопштија украинските вооружени сили.
Нападот, според шефот на кијивската градска администрација Сергеј Попко, бил „најмасовниот воздушен напад со беспилотни летала врз Кијив од почетокот на војната“, истакнувајќи дека противвоздушната одбрана соборила повеќе од 60 беспилотни летала над градот, пишува Кијив индипендент.
Нападот на Кијив траеше во интервали повеќе од шест часа и предизвика прекин на електричната енергија во 77 станбени згради и 120 институции, истакна Попко.
Според градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, за време на нападот биле повредени најмалку пет цивили, меѓу кои и едно 11-годишно дете.
„Нашите војници соборија поголем дел од дроновите. За жал, не сите“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.
Освен во Кијив, експлозии се слушнаа и во регионите Суми, Дњепропетровск, Запорижја, Николаев и Кировград.
Нападот е извршен на Денот на сеќавањето на Гладоморот, кој се одбележува во знак на сеќавање на вештачкиот глад во Советска Украина во кој загинаа милиони Украинци од 1932 до 1933 година, а се чествува во четвртата сабота во ноември.
Г. Т.