Едно лице загина, а неколку се затрупани во урнатините на станбените згради во украинскиот регион Доњецк, врз кои пукале руските сили, соопштија денеска локалните украински власти.
„Руската армија во текот на ноќта истрела шест ракети С-300 кон Доњецк“, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека нешто подоцна врз истиот регион биле истрелани уште две ракети.
„Ракетите ги погодија градовите Покровск, Новохродивка и Мирноград, кои се наоѓаат на 25-40 километри од линијата на фронтот“, рече Клименко.
Вработени во Брзата помош извлекле тело на 62-годишен маж од урнатините на катната зграда во Новохродивка, под која најверојатно има уште четири лица, меѓу кои и едно дете, соопштија властите.
Во Покровск се урнати катна зграда, девет куќи и полициска станица. Градоначалникот на тој град, Серхиј Добриак, изјави дека е четврти пат како Покровск бил нападнат во последниот месец.
Сите три цели на градовите се во близина на Авдијевка, град во кој се водат жестоки борби во последните месеци.