Се надевам дека Косово набрзо ќе стане членка на ОБСЕ, но за тоа ќе биде потребен консензус од сите 57 земји-членки, и сметам дека тогаш Косово ќе биде во позиција да има пристап до инструментите на организацијата, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи на завршната прес-конференција.
Прашан дали за време на претседавањето со ОБСЕ ја посочил Србија за одговорна за територијални претензии кон Косово и поттикнување меѓуетнички тензии и нестабилност на Балканот, Османи ја повтори националната позиција како министер за надворешни работи на Северна Македонија којашто, рече, е недвосмислена.
-Ја имаме признаено Република Косово, бевме домаќини на дијалогот меѓу Косово и Србија во Охрид, од којшто произлезе Охридски договор којшто го сметаме за единствен начин да се оди напред чија цел е да се изнајде сеопфатен договор меѓу Србија и Косово за меѓусебно признавање, и тоа е нашата национална позиција и се уште ја нудиме нашата земја како земја-домаќин, имаме добри односи и со Србија и со Косово, рече Османи.
Имаме искуство со сложени компромиси, додаде тој, и базирано врз тоа искуство ги повикуваме двете земји да го затворат ова отворено прашање, бидејќи тоа стана ранлива точка во регионот „којашто честопати е киднапирана од малигни актери“, и ова е националната позиција што ја застапувам.
-Како претседавач со ОБСЕ бев многу ангажиран во врска со Косово и Србија, Имаме теренски операции како во Приштина, така и во Белград, Имаме пет регионални канцеларии во сите заедници во Косово и ОБСЕ е респектирана меѓународна организација во Косово, како што е во Белград. Ги посетив двете земји за време на нашето претседавање. Предложив план од девет точки за деескалација на Северот на Косово, истакна Османи.