Организатор и реализатор на убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес е Љупчо Палевски – Палчо кој во моментов е во бегство, а денеска на прес-конференцијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски низ новинарските прашања за вмешаноста на Палчо, не го посочија конкретно со име и презиме, но одговараа на прашањата на кои изрично беше посочено неговото име како првоосомничен во грозоморните дела.
Како што информираше министерот за внатрешни работи Спасовски, лицето е заминато од државата со возило заедно со неговиот адвокат во Белград, а потоа во Бугарија.
– Секако, главен организатор, а воедно и извршител кој со пиштол на 27.11. според досегашните утврдени докази некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започнатата веднаш истрага од страна на полицијата, е лицето кое ја напуштило државата непосредно по стореното кривично дело. По него се трага. Можам да ви ветам дека ќе сторам сѐ јас и институцијата, ова лице, или подобро овој монструм, на кое му ја следиме трагата, час поскоро штом стапне на наше тло, да биде изведен пред лицето на правдата, рече министерот.
Спасовски дополни дека за лицето ќе биде издадена меѓународна потерница, а во однос на прашањето дали имаат некакви сознанија дека тој се обидува да пребегне во Русија, тој одговори негативно.
Јавниот обвинител, Гаврил Бубевски, на денешната прес-конференција изјави дека 74 годишниот Панче Жежовски од Велес е убиен бидејќи му должел 500 евра на еден од осомничените и бил „прометна жртва“ за да се земе возилото со кое потоа е киднапирана Вања.
– Мотивот за убиството на Панче имале должничко-доверителски односи со еден од осомничените. Панче должел 500 евра на еден од осомничените и така е избран како жртва за да се земеме колата и да се киднапира девојчето, изјави Бубевски.
Според денешните информации, станува збор за група која дејствувала заедно и извршила две кривични дела „грабнување“ и „убиство“.
– За тројца од петмината инволвирани за кои постои сомневање, имаме признание за целокупниот нивен ангажман во настанот и кој за што бил задолжен во ова кривично дело. Од сето ова можеше да се дефинира дека извршиле две кривични дела – грабнување, кои се поврзани со делото користољубие, грабнување заради корист. Имаат извршено и две кривични дела – убиства, со поврзаност на двете дела, со што тоа добива најтешка кривична казна, рече Бубевски.