Министерот за надворешни работи Бујар Османи во објава на фејсбук информира дека ДУИ одлучиле од 28 јануари технички претседател на Владата на Сeверна Македонија да биде Талат Џафери. Ова, како што наведува Османи, се дел од заклучоците што Централното претседателство на Демократската унија за интеграција ги донело на денешниот состанок во Тетово.
„Премиер на Владата на Северна Македонија од 28 јануари ќе биде актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери. Фатмир Бесими е избран за шеф на Централниот изборен штаб за изборите 2024 г. Се овластува претседателот на Партијата да продолжи со разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарните избори.“, се наведува во објавата од Османи.
Техничкиот премиер кој според договорот треба да е Албанец, ќе биде на чело на Владата во последните 100 дена до изборите.
Лидерите на политичките партии на средбата што ја одржаа во понеделникот договорија формирање на техничка влада согласно актуелниот закон од 28 јануари, при што политичката партија ДУИ ќе го даде премиерот на техничката влада. Лидерите на парламентарните политички партии се согласија првиот круг од претседателските избори да се одржи на 24 април, додека на 8 мај да се одржат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.
Ј. Ѓ.