Новинарот и политички аналитичар Ерол Ризаов, во изјава за „Фронтлајн“ вели дека историска катастрофа е да не ги продолжиме почнатите преговори со ЕУ. Според него, одговорноста е на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сателитски партии и партиите прелетувачи кои секогаш сакаат да бидат со власта.
– За мене воопшто не е битно чие влијание е да не се усвојат уставните измени – што значат не само почеток на преговорите туку многу поважно остварување на неопходните реформи. Ако доживееме таков дебакл, историска катастрофа е да не ги продолжиме почнатите преговори со ЕУ. Одговорноста е на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините сателитски партии и партиите прелетувачи кои секогаш сакаат да бидат со власта. Но, нивната пресметка дека се веќе на власт може да се врати како бумеранг и да им се удри од глава, вели за „Фронтлајн“ Ерол Ризаов.
Трагедијата, додава тој, е во тоа што кој и да формира Влада пак нема двотретинско мнозинство.
– На македонската јавност е да оцени на кого треба да му го даде гласот за да обезбеди иднина на генерациите што доаѓаат. Треба да им се остави нешто позначајно од долговите што треба да ги плаќаат, потенцира тој.
Советот на Европската унија е подготвен да ја свика втората меѓувладина конференција со Северна Македонија, без дополнителни одложувања и без потреба од дополнителна политичка одлука, штом земјата ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е предвидено во заклучоците на Советот од јули 2022 година, се наведува во заклучоците за проширувањето од вчерашното заседание на Советот за општи работи, што ќе бидат доставени на усвојување до лидерите на Унијата на нивниот дводневен Самит што почнува утре.