Лидерите на земјите членки на ЕУ донесоа одлука за старт на преговори за членство со Украина и Молдавија, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на платформата Икс.
– Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Украина и Молдавија, наведе Мишел во објавата.
Според него, Советот на ЕУ решил и да и додели статус на земја кандидат за членство на Грузија, додека во однос на БиХ останува условената препорака за старт на преговорите.
– ЕУ ќе ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина, откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство и ја повикува Комисијата да поднесе извештај до март со цел да се донесе таква одлука, додаде Мишел во објавата.
Според него, ваквите одлуки се јасен сигнал за надеж за народите на овие земји и за европскиот континент.
Мишел во кусата изјава по објавувањето на информациита на Икс, нагласи дека ваквата одлука е многу важна за Украина, претставува моќна политичка порака за украинскиот народ и е подеднакво важна за кредибилиетот на Европската Унија.
– Работевме напорно во подготовката на овој Европски Ссвет со цел ниту една земја членка да не се спротивстави на оваа одлука, ијзави Мишел.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој додаде дека лидерите ја продолжуваат дебатата околу финансиската рамка и изрази надеж дека до вечерва ќе се постигне договор за помош на Украина, како и за ревизија на буџетската рамка на Унијата.
Одлуката е донесена и покрај најавите од Унгарија дека ќе се спротивстави на старт на преговорите за членство со земјата, како и на предлог-пакетот за финансиска помош од 50 милијарди евра за поддршка на украинската економија.
Извор: МИА