Дезинформациите и негативните пропагандни наративи може да бидат многу штетни за целото општество, особено што може да влијаат врз политичкото одлучување, односно влијанието на ваквите наративи може да ја промени политичката волја на гласачите, вели комуникологот и аналитичар Сефер Тахири во интервју за ЦИВИЛ Медиа, направено на 25 декември 2023 година.
Тој во интервјуто зборува за креаторите на дезинформации како што се одредени политички пропагандни кујни, одредени медиуми, но и за влијанието на инфлуенсер(к)ите на социјалните мрежи.
Тахири истакна дека нашето општество не само што е исполитизирано, испартизирано, туку пати многу од етноцентризмот, односно на сите можни прашања, проблеми, теми кои што се општествени, одредени групации се обидуваат да даваат етничка боја. Тоа е многу страшно за нашето интеркултурно, интеретничко и интеррелигиозно општество. Нашето општество е кревко и нема изградено доволно механизми за да се бори против ваквите наративи.
Тој зборува и за тоа како дел од нашите медиуми ја споделуваат српската, односно руската пропаганда, наведувајќи пример дека роденденот на Путин тука е вест, но не е вест роденденот на нашиот претседател Стево Пендаровски…
ДЕХРАН МУРАТОВ / ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се главните пропагандни наративи во овој период и што можеме да очекуваме во периодот на засилени изборни кампањи на политичките партии во земјата?
СЕФЕР ТАХИРИ: Во земјава, за жал имаме премногу дезинформации и пропагандни наративи кои се во делот на политичката ситуација, односно политичката борба помеѓу партиите, но за жал имаме и давање на конотација на меѓуетничките односи, односно пропагандата се обидува да се става во меѓуетнички контекст. За жал и случаи на трагедии како што беше случајот со убиството на девојчето (Вања Ѓорчевска), еден дел од групации кои што се маргинални, но се обидуваа на прашањата без разлика дали се етнички или неетнички, да им дадат интеретничка боја.
Фактот дека имаше обид овој настан да се претстави во светло на поврзување на одредени луѓе, групации од Косово, односно дека девојчето е киднапирано и однесено во Косово како што беше искажано во еден коментар на Фејсбук кај мајката на девојчето, покажува дека нашето општество не само што е исполитизирано, испартизирано, туку пати многу од етноцентризмот, односно на сите можни прашања, проблеми, теми кои што се општествени, одредени групации се обидуваат да даваат етничка боја. Тоа е многу страшно за нашето интеркултурно, интеретничко и интеррелигиозно општество. Нашето општество е кревко и нема изградено доволно механизми за да се бори против ваквите наративи.
Имавме пропагандни наративи кои што беа во делот на политичкиот систем, односно дека во 2024 година со државата ќе владеат Абланците, односно дека со државата ќе владее ДУИ. Под претпоставка на одредени медиуми кои се критични кон власта, односно на некој начин се ставаат во функција на опозициските политички наративи, односно се ставаат во бранење на политичките ставови кои ги има опозицијата. Мислам дека и тоа до некаде може да се сфати, иако медиумите треба да бидат неутрални, балансирани, треба да обезбедуваат рамноправен пристап за сите политички групации кои што постојат во општеството, но, еве да речеме дека оредени медиуми се одлучиле да заземаат покритички позиции во однос на власта и тоа е во ред. Но, не по цена да ги нарушат столбовите на државата. Меѓуетничките односи се едни од столбовите на државата.
Обидот да се прикаже дека ако претседателските избори не успеат, односно ако не се постигне цензусот за претседателските избори, тоа значи дека претседателот на Собранието ќе биде Претседател на државата, а премиерот ќе биде од редовите на ДУИ, бидејќи тоа е дел од договорот помеѓу СДСМ и ДУИ, последните 100 дена да биде премиер Албанец, односно од редовите на ДУИ. Кандидатот Талат Џафери е од редовите на ДУИ, намерно конотацијата беше дадена на етничката припадност да им се каже на македонската етничка публика, дека „еве со државата владеат Албанците, еве Албанците ни ја земаа државата“. Таквите пропагандни пораки се многу штетни за државата, за општеството. Тие наративи може да создадат големи проблеи и така ние имаме големи проблеми.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали детектирате дека дел од медиумите и дел од политичките партии ги прават и шират тие (етноцентрични) наративи?
ТАХИРИ: Дел од пропагандните наративи нормално се продуцираат или доаѓаат од политичките кујни и нормално е тоа бидејќи тие имаат поголеми интереси, но за жал и самите медиуми продуцираат, или не само што што се надоврзуваат на тие пропагандни наративи, туку и самите продуцираат одредени содржини кои што се во насока на артикулирање на пропагандна реторика која има ордедени политички, партиски или идеолошки цели итн.
Дали медиумите се главниот фактор кој создава пропаганда? Јас не ги ставам медиумите во посебна графа кои што прават пропаганда, секако дека тука имаат голема улога политичките партии, тука имаат улога и одредени инфлуенсери во социјалните мрежи кои што имаат публика, без разлика дали ние ги сметаме за маргиналци, за несериозни, сепак тие имаат влијание. Без разлика што кај совесната и одговорна публика тие немаат доверба, односно кај публиката што е медиумски едуцирана и има разбирање за медиумските пораки, знае да ги котекстуализира, знае да ги детектира или да ги деконструира. Но, факт е дека одредена публика тие пораки ги прима и ги зема како здраво за готово, и ги споделува, ги коментира, ги лајкува, и со тоа им дава значење и видливот.
Реално ние мора да се соочиме со фактот дека живееме во епохата на технологијата, односно информациската технологија која им овозможува не само на новинарите и политичарите, на организираните политички групации да испраќаат пораки, туку и на други граѓани, односно и на други луѓе кои може да се индивидуалци или можеби се дел од една или друга агенда каде имаат влијание.
Сакам да направам разлика дека одредени медиуми и инфлуенсери не дека имаат доверба кај публиката, но нивното влијание и досег до граѓаните е големо. И мислам дека државата, односно совесниот дел од општеството треба да изгради механизми и инструменти, треба да изгради бариери да го минимизира проблемот, односно да ги минимизира штетите кои доаѓаат од пропагандата, дезинформациите или од другите форми кои што деструктивно влијаат врз нашето општество.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се последиците од дезинформациите и лажните пропагандни наративи во општеството воопшто, а посебно во контекст на изборните процеси? Како ќе ја оцените ситуацијата во земјата?
ТАХИРИ: Прво, многу е лесно да се каже и да се дојде до одговорот дека наративите кои што се штетни, кои се со пропагандни цели или мотиви можат да влијаат многу негативно врз нашето општество. Многу лесно можете меѓуетничките односи, односно интеррелигиозните односи да ги потпалувате, тоа е најлесната варијанта и мислам дека некои политичките партии во овој дел имаат и одредена историја, не само кај македонскиот туку и кај албанскиот етнички кампус. Дезинформациите и негативните пропагандни наративи може да бидат многу штетни за целото општество.
Вториот елемент е што може да влијае врз политичкото одлучување, односно влијанието на ваквите наративи може да ја промени политичката волја на гласачите. Одреден дел од гласачите за жал ги немаат осознаено сите механизми на пропагандата, односно да разликуваат што е новинарство, а што е пропаганда. Исто така имаат тешкотија да разликуваат што е политичка кампања која што дава објективни ветувања, која што дава решенија за проблемите во општеството, од пропагандната реторика или нарација која што може да биде и ќе биде дел од изборниот процес. Ќе биде дел од изборната кампања, фактички ние сме во перманентна изборна кампања.
Како што гледаме ќе имаме многу дебата околу тоа кој е предавник кој е патриот, што за мене тоа е депласирана дебата, но за жал кај одредени гласачи тоа има влијание, „кој го продал името“, „кој го продал идентитетот“, „кој го сменил името“, „зошто одредени политички партии од власта особено СДСМ и други, истрчуваат да се донесат уставните измени“, „зошто одредени политички партии како што е ВМРО ДПМНЕ се ставаат во браникот на македонскиот национален односно етно-културен идентитет“, итн. Овие прашања за жал ќе доминираат. Ние се наоѓаме во ситуација која покажува дека економската криза влијае. Економската криза на светско ниво како резултат на војните кои што се случуваат во светот, покажува дека ние имаме реални проблеми.
Најлесно е на пример да одите во Тетово или Гостивар во било која средина кај што живеат Албанците и да им се обраќате со големи зборови, со големи идеи кои се во функција на идентитетот, на етничкиот идентитет на Албанците, бидејќи многу често етничкиот идентитет се става под знак равенство со националниот идентитет, и затоа јас го кажувам на овој начин за да се сфати за што зборувам. Инаку етничкиот и националниот идентитет имаат разлика во однос на тоа како се дефинираат и применуваат во практиката, односно во општественото живеење во Европа, во САД итн. Најлесно е да одам јас во некој дел од државата и да одржам говори од типот кој што се етноцентрични.
За жал, така ќе добивате гласови, но фактот дека одредени политички кариери сакат да се градат врз колективното спасување кое што во одредени граници некогаш е имагинарно. Од кого ние ќе се спасиме? Од кого ќе се браниме? Дали некој нè напаѓа, реално? Мислам дека некогаш создаваме или влегуваме во одреден маѓепсан круг што мислам дека нема реална основа. Одредени политички групации рекоа дека ќе ни го сменат идентитетот, ете го идентитетот на македонскиот народ постои, се развива, и треба да се доградува. Идентитетите на колективните заедници пред сè зависат од самите себеси, дали Албанците ќе го зачуваат јазикот, дали Македонците ќе зачуваат јазикот, или етничките, културните, традиционалните обележја тоа зависи од самите нив.
Ние се наоѓаме во епоха на глобализација, јас постојано ги слушам децата на улица како зборуваат на англиски јазик, и македонските и албанските и ромските дечиња, сите останати етнички идентитети комуницираат на глобалниот јазик. Дали ние за тоа име дебата или дали сме воделе грижа како држава, како институции, дали глобализацијата во одреден период ќе влијае уште повеќе врз нашите идентитети? Не. Ние се ограничуваме само на внатрешната дебата и продуцираме имагинарно непријатели. Внатрешниот непријател се Албанците, надворешниот непријател се Бугарите, Грците и помалку Србите. Нормално Србите се помалку непријатели бидејќи сме биле во една заедничка држава и како што гледате на никого не му смета тука во државата што доаѓа Цеца, Дино Мерлин, и јас не велам дека не треба да доаѓаат, треба да доаѓаат за да се создава еден вид на интеркултурна комуникација, но не само српските пеачи да доаѓаат. Не само српскиот турбофолк да ни се наметне во државата.
Ние сме во многу делови парадоксални, во јавниот сервис МРТВ може да слушате во првата или во втората програма, бразилска, аргентинска, јапонска песна односно во сите можни јазици, само албанска песна не можете да слушнете, и обратно, во албанскиот сервис не може да слушнете македонска песна. И евровизиската песна се пушташе многу ретко.
Зошти ние градиме вакво општество, бидејќи на одреден дел на политичките партии, осбено на оние што се десно ориентирани, или пак тие што се лево-десно орентирани им одговара да ги тангираат овие прашања. Мислам дека време е политичките партии да се свртат малку кон индивидуата, кон граѓанинот. Да се занимаваат со реалните проблеми кој што он ги има. Прашањата за идентитетот итн., се битни, но најбитно е нашата држава да се развива на здрави основи. На здрави основи ќе се развива само ако развиваме амбиент за живеење тука, за граѓаните да продолжат да живеат тука. Што ќе ни е зачувување на идентитетот ако оваа држава остане без граѓани?
ЦИВИЛ МЕДИА: Спомнавте дека во нашата државата влегува, односно ни се наметнува српскиот турбофолк, меѓутоа дали од Србија ни доаѓа само турбофолкот, или токму од таму ни доаѓаат дезинформациите кои нашите медиуми со копи-пејст споделуваат од српските медиуми, додека пак во српските медиуми дезинформациите доаѓаат преку руската пропаганда. Дали нашата држава има капацитет да се спротистави на дезинформациите и хибридните закани?
ТАХИРИ: Кога една држава е поврзана во културен апсект, од аспект на менталитетот, начинот на живеењето, културните вредности кој што ги споделува и влијанието на друга култура, врз таа култура е големо и многу лесно може да влијаете во медиумска смисла, или да влијаете со дезинформации итн.
За жал одреден дел заради фактот што ние сме биле дел од таа заедничка културна матрица, која што за мене во одреден дел беше многу спорен концептот кој што беше изграден во поранешниот систем, имаше многу фалшливи моменти. Но реалноста е таа, одреден дел од граѓаните го прифаќаат тој систем и дури сега во (2023 година) тешко им е да се одвојат од таквата матрица. Затоа влијанието на српските медиуми, влијанието на дезинформациите кои што се продуцираат таму и кои што се дел од руската пропаганда или пак антизападната пропаганда, многу лесно и премногу се споделуваат од нашите медиуми.
Фактот дека одреден дел од новинарите го знаат или им е близок тој јазик, ги преведуваат дезинформациите. За жал имаме многи дезинформации од српските медиуми кои што одат на линија на тоа да ја оправдуваат војната во Украина, односно нападот на Русија врз Украина. Или да го прикажуваат рускиот претседател Путин како човек со голема моќ, и му се дава големо значење во нашите медиуми. Роденденот на Путин тука е вест, но не е вест роденденот на нашиот претседател Стево Пендаровски. Ова покажува дека српската пропаганда има големо влијание, која се става во функција на руската пропаганда и таа за жал наоѓа тука следбеници.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали нашите институции имаат капацитет да се споривстават со дезинформациите и хибридните закани, особено што се наоѓаме во предизборен период. Дали може да очекуваме хибридни напади?
ТАХИРИ: Тука влегуваат повеќе фактори, прво е политичката војла, мора да има политичка волја за ова прашање. Вториот елемен е капацитетот на нашите институции, ова прашање си бара вештини, знаење од сверата итн.
Во Владата има еден план кој се нарекува План против дезинформациите и нападите врз демократијата. Ваквиот акциски план на Владата на РСМ, предвидуваше да се реализираат кампањи од јавен интерес кои што ќе бидат во функција на тоа да им укажуваат на граѓаните и општествените групи, за штетите кои што ги предизвикуваат дезинформациите и пропагандните наративи кои доаѓаат од регионот или од подалеку. За жал, ние не видовме многу такви кампањи, или тоа сме го виделе во одредени изјави дека има политичка волја.
Тука би спомнал дека невладиниот сектор има активности, проекти, има резултати кои што се видливи во однос на тоа да се минимизира проблемот. Дезинформациите и пропагандата не може да се неутрализира, но може да се минимизира.
Во тој план на Владата требаше да функционира акциската група против дезинформациите и нападите врз демократијата, за жал таа акциска група не сме ја виделе или можеби јас сум пропуштил, но верувам дека не сум пропуштил бидејќи ги следам настаните. Таа акциска група која требаше да биде или формално е составена со претставници од сите државни институции. Но, за жал резултати ние премалку сме виделе.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се вашите препораки во борба против дезинформациите?
Прво, медиумската писменост мора да биде на повисоко ниво. Ние за жал како земја назадуваме во овој аспект, повторно велам поради недостатокот на политичка војла. Ние овој процес го започнавме во 2010 година. За жал заради немањето тогаш политичка волја процесот запре. Немаше никакво придвижување се до 2017 година, затоа што за да се реализира процесот треба да има политичка војла за тој да биде дел од образовниот систем. Нема медиумска писменост без образовани граѓани, односно без да се вклучат учениците, студентите и наставниот кадар. Ова е еден голем проект кој што ќе даде резултати, но за тоа треба време, енергија, волја и на некој начин и политичарите треба да бидат согласни со фактот дека мора ние да создадеме амбиент каде што граѓаните ќе бидат покритични, поаналитични кон пораките кои што ги испраѓаат и тие преку медиумите и самите медиуми.
Тука влегува и процесот на саморегулација, а тоа значи дека треба да го зацврстиме, да го поддржиме како општество тој процес, и граѓаните треба да се вклучат во тој процес. Граѓаните не треба да им веруваат на медиуми кои немаат импресум, односно немаат адреса, немаат никаков идентитет. Да не споделуваат вести кои доаѓаат со (над)наслови ШОКАНТНО, БОМБАСТИЧНО, НУКЛЕАРНО итн., и да бидат посвесни дека може да бидат во одреден дел „злоупотребени“ од пропагандните машинерии кои може да бидат од внатрешни или надворешни фактори. Да не споделуваат на социјалните мрежи сè што ќе видат, да ги земат малку со резерва и на тој начин ќе успееме да имаме пониско ниво на дезинформирани и пропаганда во општеството. И да не читаат само наслови туку да ја читаат и содржината на текстот, бидејќи некогаш насловите се мамка за кликови.
Разговорот го водеше Дехран Муратов
Камера, фотографија и монтажа: Ариан Мехмети
Преземено: Цивил Медиа
Интервјуто е дел од проектот „Ослободи го умот“, кој ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Амбасадата на САД.