Републиканскиот национален комитет ја повлече својата резолуција да го прогласи Доналд Трамп за партиски претседателски кандидат за 2024 година, неколку часа откако поранешниот претседател го одби таковиот предлог со цел да се сочува единството на партијата.
Сојузникот на Трамп, Дејвид Боси, вчера достави нацрт на резолуцијата меѓу своите колеги од Националниот комитет, во време кога расте притисокот врз единствената ривалка на Трамп, Ники Хејли, да се повлече од трката. Пред да биде повлечена, се очекуваше за реолуцијата да се гласа следната недела за време на состанокот во Лас Вегас.
Трамп и неговите сојузници започнаа кампања за притисок врз Хејли, која одбива да се откаже од трката за републиканска претседателска номинација. Нејзиното одбивање да ја заврши кампањата го налути Трамп, кој сака да го насочи своето внимание на самите претседателски избори и на неговиот демократски противник, претседателот Џо Бајден.
Но, на неговиот социјален медиум „Truth Social“, Трамп сепак рече дека претпочита Републиканскиот национален комитет да не го протурка планот и предвреме да го прогласи за претседателски кандидат на Републиканската партија.
„Чувствувам, заради партиското единство, дека тие не треба да продолжат со спроведување на овој план, туку дека треба да го направам тоа на „старомоден“ начин и да го завршам процесот пред гласачките кутии“, напиша Трамп.
Откако обезбеди убедливи победи на прелиминарните избори во Ајова и Њу Хемпшир, стана извесно дека Трамп ќе биде претседателски кандидат од Републиканската партија. Додека Рон ДеСантис и Вивек Рамасвами веќе се откажаа од трката, поранешната амбасадорка на ОН Ники Хејли допрва треба да се повлече.
Сепак, најголемата закана за номинацијата на Трамп, според аналитичарите, остануваат бројните судски случаи против него што може да доведат до осуда, принудувајќи го да се откаже од трката.