ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ИНТЕРВЈУ

ЕКСКЛУЗИВНО со Афродити Патулиду: Уметниците секогаш се амбасадори на мир, убавина и поврзаност

Грчката сопранистка Афродити Патулиду настапи минатиот четврток со оркестарот на Филхармонија, кога под диригентство на маестро Кристијан Рајф (Германија) изведе прекрасни, атрактивни, интригантни песни од финскиот композитор Јан Сибелиус

January 30, 2024 07:30
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ИНТЕРВЈУ, КУЛТУРА, РЕГИОН, ФРОНТ
Афродити Патулиду

Афродити Патулиду

Share on FacebookShare on Twitter

ТИНА ИВАНОВА

Сопранот Афродити Патулиду (Солун, Грција) се смета за една од најинтересните пејачки ѕвезди во подем, фантастична вокалистка којашто соработува со славната Барбара Ханиган. Можеби тоа е еден од највпечатливите моменти во нејзината досегашна кариера, како и фактот што покрај музиката која ја носи во сите жанрови, еднакво успешно плови и во водите на сликарството, поезијата, фотографијата.

Афродити Патулиду настапи минатиот четврток со оркестарот на Филхармонија, кога под диригентство на маестро Кристијан Рајф (Германија) изведе прекрасни, атрактивни, интригантни песни од финскиот композитор Јан Сибелиус. Нејзината појава (за првпат гостува во Скопје) на сцената беше магична – маестрален вокал, со софистициран израз, нежна, но во истовреме храбра експресија која пловеше низ мелодиските фрази. Во Филхармонија, Афродити донесе и една од своите слики која беше изложена во фоајето, насловена „Луонотар“, мотивирана од истоимената песна на Сибелиус.

Афродити Патулиду со нејзината слика „Луонатар“

Бев навистина инспирирана од нашето неколкудневно дружење, затоа што Афродити, освен што е неверојатна уметница, е жена од којашто извира убавина во секоја смисла на зборот. Од неа може многу да се научи, и иако е млада, зад себе има мошне интересен живот и професионално искуство што ја прави сестран уметник со веќе богата кариера, а е приземен, скромен човек. Ме праша дали доаѓаат уметници од Грција често, одговорив дека, барем во Филхармонија, доаѓаат музичари од сите краишта на светот, и од соседните земји со кои не сме во добри односи, но уметноста нема бариери, па оттаму и слободата во изборот и во изразувањето. Рече дека е тажно што политичките елементи влијаат врз уметничкиот сектор.

„Сметам дека уметникот è и треба да биде целосно слободен, без разлика на политичките импликации. Уметниците секогаш се амбасадори на мир, убавина и поврзаност. Наредниот месец ќе пеам во Измир, Турција, на пример. Кога ја добив поканата, бев пресреќна и веднаш прифатив да гостувам. За мене е тоа големо задоволство. Се обидувам да ја видам вистината, а не она што се нарекува пропаганда. Затоа што, кога ќе ги сретнете луѓето и кога ќе разговарате седнати на иста маса, секој ќе каже дека сака да има мир. Во уметничките кругови не се разговара за предрасуди или за некои можеби погрешни владини одлуки. Се обидувам да стојам подалеку од тие теми и фокусот да ми биде на човекот, на човечкото битие, на пријателството. Мислам дека е тоа единствен начин да се оди напред“, рече Патулиду, која додаде дека нејзина мисла водилка е уметноста и дека би било тажно кога би се сквернавела со дневнополитички теми.

„Дедо ми зборуваше и македонски, но и влашки, или дијалекти како понтоски – јазикот на Понтос, така што јас сум растена во средина во која се зборуваа различни јазици, а се слушаше и разновидна музика“

Афродити Патулиду живее во Берлин, родена е во Солун, но има потекло од Лерин. „Кога моите баба и дедо биле бегалци во 20-те години на минатиот век, тие дошле од Понтос во Лерин. Понекогаш ја посетувавме Битола, многу е блиску. Дедо ми зборуваше и македонски, но и влашки, или дијалекти како понтоски – јазикот на Понтос, така што јас сум растена во средина во која се зборуваа различни јазици, а се слушаше и разновидна музика. Во мојот дом никогаш не се зборувало за расизам, за предрасуди, за омраза помеѓу нации и држави, туку за воспоставување на пријателства. Можеби и затоа станав уметник.“

Настапува во театри како Државната опера во Берлин, Кралскиот театар во Мадрид, Грчката национална опера, во престижни концертни сали како Берлинската филхармонија или „Концертгебау“ во Амстердам, но она што е интересно за нејзината пејачка кариера, е тоа што пеела и во рок-бендови, била главен вокал во хеви-метал бендот „Игоррр“, а другата крајност, се истражувањата во античката музика. Таа е и композиторка и пишува во различни музички манири и жанрови. Студирала на Универзитетот „Македонија“ во Солун, потоа на Кралскиот фламански конзерваториум во Брисел, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Учела и народно пеење, а свири на пијано, гитара и никелхарфа. Но, нејзината љубов за класичната музика, се чини е најсилна.

„Она што најмногу го сакам во класичната музика е тоа што се користи екстремно нашата моќ и способност. Нема микрофони, не е вклучена технологијата. Само вие сте на сцената и инструментите и сите свират со сопствената физичка сила. Секако, јас практикувам и други музички жанрови каде што се инволвирани микрофоните, но таму пеам на сосема различен начин. Но, навистина се вљубив во операта, затоа што кога сте на сцена сте сосема ‘голи’ и го засакав тој имиџ. Под тоа подразбирам дека сте без амплификација, стоите сами со целиот оркестар околу вас, а тоа прави да се чувствувате како ‘Wonder Woman’, како некаков суперхерој“.

Но, љубовта кон фолклорот, а со тоа и кон другите жанрови, ја добила од нејзините родители и од она што се практикувало во нејзиниот дом. „Кога растев, мојата мајка слушаше и ни пушташе фолк-музика, а помеѓу тоа, вметнуваше и Верди, на пример ‘Травијата’. Татко ми свиреше на кемане токму понтиски песни, а мајка ми ни свиреше мандолина и гитара додека заспивавме. Така што, никогаш не стануваше збор за тоа каква музика слушаме, затоа што слушавме многу различна музика во еден ист ден. Немаше граници“.

„Во мојот дом никогаш не се зборувало за расизам, за предрасуди, за омраза помеѓу нации и држави, туку за воспоставување на пријателства. Можеби и затоа станав уметник“

Вели дека можеби е поинаква бојата во изведбата, но нема огромна разлика во начинот на пеењето на различни стилови. „Кога почнав да пеам, прво се внесов во рок-музиката, којашто навистина ја сакав. Го сакав тоа моќно чувство. Но, како растев, се вовлеков во класичната музика, почнав да ја слушам Марија Калас, на пример, и си реков: ‘Ох, ова е неверојатно, многу поголемо нешто, покомплексно!’ И се вљубив, но не ги заборавив моите корени. Многу ја сакам народната музика и сакам да го истражувам фолклорот на другите земји. Така ги открив нордиските земји и почнав да свирам никелхарпа, тоа е шведски традиционален инструмент, а и така ја засакав античката музика“.

Афродити е мошне инспирирана од античката музика, иако постојано пее оперски улоги, како што се познати нејзините настапи во „Животот на развратникот“ од Стравински, „Човечкиот глас“ од Пуланк,  „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт, „Дидо и Енеј“ од Персл, „Бела роза“ од Цимерман… Но, вели дека е многу потешко човек да се снајде во античката музика, затоа што мора да воспостави соработка помеѓу историчарите и уметниците. „Партитурата секогаш доаѓа подоцна. Овде, пред се, размислуваме на композиторите и нивната идеја во главата пред да ја запишат на хартија. Не се работи за интелектуална размисла, всушност, ако можам така да кажам, да се мисли на нотите и како да се направи од нив партитура, туку прво е музиката којашто ја слушаат во својата глава. Ние можеме да дојдеме до партитура од многу стара музика, но мораме првенствено да размислуваме како тие луѓе го пееле тоа, да ги замислиме инструментите на коишто свиреле и да се вратиме многу наназад низ историјата. Тука станува збор за емоција, за мисли, за експресија. Тоа е така особено во барокот, па и кај Моцарт. Мора да замислуваме како било да си музичар во тоа време, за да ја донесеме вистинската магија“, смета Патулиду.

Сјајот во нејзината кариера е соработката со светски познатата канадска сопранистка и диригентка Барбара Ханиган, која ја нарекува нејзина „музичка мајка“. „Барбара е мој вистински ментор. Моја ‘музичка мајка’, би рекла“. Раскажувајќи ја приказната за почетоците на нивната соработка, рече: „Имаше аудиција за една програма за млади уметници и Барбара Ханиган ја бараше, освен другите улоги, и улогата на Ана за ‘Животот на развратникот’ од Стравински. Навистина беше интересно што јас никогаш не очекував дека ќе бидам избрана. Никогаш. Една моја пријателка ме посоветува дека морам барем да се обидам да отидам на аудицијата. Ми рече: ‘Ако ништо друго, барем кажи и здраво на Барбара, хаха’. И всушност, иако се подготвував, токму така отидов на аудиција, само да се поздравам и да ја видам одблиску. Ментално не бев подготвена, не очекував. Но, таа ме избра и не можев да верувам. Оттогаш почнавме да соработуваме. Ме покани да пејам во ‘Lonely Child’ на Клод Вивиен, мошне потресно модерно ремек-дело, кое прерасна во мое дело во последните четири години со кое настапував на турнеи со Лондонскиот симфониски оркестар, со оркестарот на Кливленд и со уште многу други одлични оркестри. Навистина беше неверојатно во тие четири години дружење со неа и како секоја изведба на истото дело звучеше различно. Таа не е ментор од типот на учител, во смисла да покажува со прст, да укорува, туку таа создава атмосфера во која можете да растете и да созреете. Навистина го почитувам тоа, како и фактот што бев дел од една екипа на прекрасни музичари и актери, всушност, комплетни уметници.“

Афродити Патулиду

Вели дека, иако пее во различни жанрови, за неа е битно да пронаоѓа убавина, а не каде некое дело припаѓа. Се чини, повеќе се фокусира на современата музика. „Има некои одредени дела, особено од современата музика, во кои јас наоѓам нешто неверојатно убаво. Како што е со ‘Lonely Child’, на пример. Во некои дела пак, не се пронаоѓам. Но, исто така ја сакам класичната опера, онаа на Белини, Доницети, Верди, тоа ‘белканто’, но во некои опери од истите композитори, не чувствувам поврзаност. Се обидувам да не разликувам жанрови, да не се фокусирам на тоа. Ако нешто навистина зборува во мене и со мене, тогаш знам дека е тоа вистинското. Многу учам за стиловите и за изразот во музиката. На пример, не се пронаоѓам во џез-музиката, иако ја сакам“.

Афродити Патулиду ја чекаат многу предизвици во кариерата, а нејзин следен голем чекор е учество во изведбата на „Стабат Матер“ од Перголези, заедно со фамозниот, еден од најпознатите контратенори, Јакуб Орлински, во Полска. „За мене ова е нешто специјално, затоа што отсекогаш сум го сакала барокот. Иако, во училиште ни велеа дека има многу правила во изведбата на овој вид на музика. Па, јас тогаш си велев дека тоа не е за мене. Но, поинаков вид на израз е, и ако ви наметнуваат различни правила, ако ве ставаат во стеги, тоа ве стопира. Подоцна, кога завршив со училиштето, сфатив дека и не е толку комплексно како што ми го прикажуваа. Се пее со многу страст. Затоа е многу важно во животот, во патувањето во професијата, да се најдат вистинските ментори кои ќе ви ја вбризгаат страста во секој музички жанр. Исто така многу е важно, ако пеете одреден репертоар од некој композитор, како што сега е случајот со песните од Сибелиус, да одите во неговата земја, да го разберете менталитетот, да зборувате со луѓето, да ја разберете нивната филозофија. Кога почнав да пеам „белканто“, отидов во Рим, на пример.“

Иако се занимава со фотографија и сликарство, вели дека музиката е секогаш на првото место. Но, истакнува дека, додека работи на полето на другите уметности, токму музиката е нејзина најсилна инсирација. „Музиката креира слики во мојата глава, како и текстури и чувства, а не толку бои како што тоа другите го опишуваат. Понекогаш, тие слики се толку чисти, што сакам да ги искреирам во вистинскиот живот. Не сум човек од типот, сега треба да сликам, сега треба да фотографирам, туку нешто во мене ми кажува дека морам да го направам тоа. Се појавува другата Афродити во мене хаха…“

Нашата средба конкретно за ова интервју траеше околу два часа неисцрпен разговор за музиката, но и за политиката, за животот, за човекот и сите негови маани и доблести. Таа повторно се наврати на тоа, како понекогаш политичките бариери можат да направат кочница и во уметничката атмосфера, но дека мора уметниците барем, да се издигнат над тоа, за да создаваат слободни креации.


Специјално за Првата линија. Дозволено преземање само со писмена дозвола од редакцијата на Фронтлајн.

Од истата авторка:

Како се негуваат културата и вредностите во Финска – најсреќната земја во светот?

 

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: Афродити ПатулидуГрцијаинтервјуТина Иванова

НАЈНОВО

Генерирано со ВИ

„Си-Ен-Ен“: Трамп иницирал набавка на претседателски авион од Катар, и покрај тврдењата дека тоа е „подарок“

May 20, 2025

ЕУ одлучи да ги укине економските санкции за Сирија

May 20, 2025
Фото: МИА

Законски регулирана дополнителната и сезонската работа во државата

May 20, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Матурант пронајден починат кај Струмица

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ЕУ воведува нов систем на гранциите – ќе важи и за македонските граѓани

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Патриотизам е да ѝ даваш на државата мир и соживот!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Веќе видено: Македонија повторно велика, ко Александар!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Линии со код, реки од крв

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk