Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Ако ние бевме тренирани на братство, единство, инклузија, пријателство и мир, што мислите, на што се тренирани Мицковите „опозиционери“?
Го слушав синоќа нашиот претендент за „престолот“, и сигурно се прашувате какви се моите впечатоци? Освен општи места дека ќе ја „трансформирал земјата“ од хаосот и безаконието, дури и ќе ги заштитувал сите новинари слободно да работат со пристојни плати… и ви велам, кога ги слушнав сите тие општи места, без план, без идеја, што конкретно ќе работи, како ќе ја трансформира земјата, како и на кој начин ќе ги ослободува новинарите, прво нешто кое ми дојде на ум беше, „Мицко, душо изгубена, појма немаш што зборуваш“.
А потоа, ги подсобрав моите мисли и сфатив дека овој човек ја тера земјата во „претполитичка состојба“. Некој ќе праша, добро, каква е таа претполитичка состојба? Е, сега, нема друго, кога веќе се поставува прашање, мора да се стисне муда и на тоа прашање да се одговри.
Прво, тоа е филозофско, потоа антрополошко, а на крајот ќе стане и политичко прашање.
„Претполитичка состојба“, пред сè, е магичен збор, родена сестра на плејадата од „магични зборови“ на кои се форматирани сите патриоти последните 30-тина години, од кои ќе наведеме неколку: „света партија“, „свети букви“, „крстот и камата“, „не го даваме името“, „Солун е наш“, „фашистичките Бугари“, „семоќниот и сезнајниот лидер“ и т’ушта и т’ма.
Mагијата го вклучува и моменталниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, денес е Христијан, утре ќе биде некој „Коле“, тоа е сосема неважно. Тие на секој лидер ќе му се поклонуваат до колена, персоналниот квалитет воопшто не е им е важен (како беше онаа синтагма?): „… и магаре да ставиш, и магаре…“ Таквите магиски зборови функционираат на принципот Павлов рефлекс кој на звукот на sвончето почнува да лачи желудочна киселина во жолчното ќесе, што ќе ни рече дека половина ДПМНЕ – а на некои магиски зборови, пак, почнува да лачи радост, восхитување и топли човечки чувства, додека другата половина почнува да лачи чемер, бес, жолчка и отров.
И по ѓаволите: двете половини лачат две состојби кои се мешаат во една, односно сите се форматираат според квалитетот од работата на жолчното ќесе на лидерот, а тоа е бес, жолчка и отров.
Звучи биполарно, звучи како болно жолчно ќесе, ама „докторот Јовановиќ“ многу добро знае што ви зборува затоа што и самиот, in vivo, разбра како работат желудочните киселини во стомакот овие „клинички“ денови.
Ние, факт, сме биполарно пореметено општество, во спротивно ќе развиевме до сега логички, вредносен и етички апарат со кој ќе го разложувавме црното од белото, доброто од лошото, корисното од штетното и последнично – немаше непрекинато да доаѓаме во ситуации сета убавина и добрина на овој свет – ама и сето зло и болест – ја проектираме на оваа или онаа личност – оти и таквиот појма нема каде удира, како впрочем и ние кои ги обожаваме/или мразиме.
Вака поставени тези многу полесно го дефинираат животот и политиката. Милина Божја. Нема лупање на главата од sид.
Кога во оваа земја е сè добро или е сè лошо – тогаш виновен е Ковачевски, а претходно за сè беше виновен Заев.
Кога се покачуваат плати – повторно Ковачевски и СДСМ.
Кога се решаваат горливи проблеми наталожени најмногу од претходниот клетник Груевски – повторно е крив СДСМ и Ковачевски.
Кога ја решија енергетската криза – повторно е виновен Ковачевски.
Кога направија милион добри работи за сите: почеток на преговори со Европската унија, стотици лидери од важни земји дојдоа и се поклонија во оваа мала земја – повторно е виновен СДСМ и Ковачевски.
Ja согледувате ли, драги мои, неподносливата состојба на духот во земјата која е генерирана од Мицковци и „светата им партија“? Оваа состојба на духот – покрај болното жолчно ќесе – се нарекува уште и анимизам, појава во која на училиште нè учеа (тие што учеле, се разбира), се работи за состојба која припаѓа на далечни минати времиња на човечкиот род, а карактеристика беше за примитивните племиња на Амазон кои денес се на раб на изумирање.
Има тука и предности, да не се лажеме.
На пример: ако не знаеш ништо во животот да работиш, а притоа и немаш појма каде удираш – само викни: „Да живее даскалот“! Или: „Да живее професорот Мицкоски“! Или: „Вмрооооооо“! И успехот магично ќе дојде.
А што се однесува до Амазонските племиња, и ние сме, како и тие, на ивица на изумирање, ако и веќе не сме умрени. Не во смисла на „биолошко исчезнување“ – ноќниот влажен сон на патриотите – туку во некоја многу полоша варијанта.