Претседателот на Собранието, Јован Митрески, на онлајн состанок со претседателот на украинската Врховната Рада, Руслан Стефанчук ја реафирмирал поддршката и солидарноста на нашата земја кон Украина.
„Денеска имав пријатен состанок со претседателот на украинската Врховната Рада, Руслан Стефанчук, на кој ја реафирмирав поддршката и солидарноста на нашата земја кон Украина, украинските институции и народ, наспроти бруталната и неоправдана агресија од Русија. Разговаравме за Декларацијата за осуда на воените напади на Украина, што ја донесе овој состав на Собранието на Република Северна Македонија, при што посочив дека нашата земја е активен учесник во парламентарната димензија на меѓународната Кримска платформа. Нашата држава се приклучи на сите рестрикитивни мерки кон Руската Федерација и на сите одлуки во врска со територијалниот интегритет на Украина, поддржувајќи ги и аспирациите на земјата за членство во евроатлантските организации. Со мојот колега Стефанчук заклучивме дека двете земји заслужуваат да станат членки на Европската Унија и дека треба максимално да соработуваат и во рамките на тој процес. Остануваме посветени на продлабочување на меѓусебното пријателство и соработка“, истакна Митрески во објавата на Фејсбук.