Пишува: ЕРИК ПОСНЕР / Project Syndicate
Оваа недела, Врховниот суд на САД ќе ги слушне усните аргументи за жалбата на Доналд Трамп по одлуката на Врховниот суд во Колорадо, со која го дисквалификува од гласачкото ливче за претседателските избори во 2024 година. Судот во Колорадо ја заснова својaтата одлука на Делот 3 од Четиринаесеттиот амандман на Уставот на САД, со кој се забранува од федерални и државни функции секој кој, откако се заколнил да го почитува Уставот, се вклучи во бунт. Речиси сите од левицата и десницата веќе одлучија дека пресудата е очигледно правилна или очигледно погрешна, соодветно. Но, вистината е дека и законот и фактите се нејасни, што значи дека политичката острина на судиите на Врховниот суд ќе биде тестирана како никогаш досега.
Започнете со прашањето дали Трамп се вклучил во „бунт“, звучното, но недефинирано јадро на Делот 3. Еден став е дека тој тоа го сторил со тоа што оркестрирал напад од толпа врз Капитол на 6 јануари, 2021 година, додека Конгресот се обидувал да ги потврди изборните резултати. Друг став е дека Трамп му дал помош и утеха на бунтот со тоа што не ги повикал војниците да го задушат истиот и со часови чекал пред да им каже на своите поддржувачи да си одат дома.
Но, не е јасно дали тој повикал на насилство („борете се како пекол“ е премногу банален израз во американскиот говорен јазик) и е помалку веројатно дека тој очекувал полицијата на Капитол да биде завземена. Уште повеќе, извршната власт на претседателот вообичаено се подразбира дека е дискрециона. Би било многу невообичаено за еден суд да утврди дали претседателското недејствување, наспроти дејствување, го прекршило уставот.
Првостепениот суд во случајот Колорадо забележа дека Делот 3 не се однесува експлицитно на претседателот. Тој се однесува, напротив, на избирачите на претседателот, сугерирајќи дека изготвувачите им верувале на избирачите да го изберат претседателот, дури и ако тие не секогаш му верувале на народот да ги избере избирачите – став што го споделуваат основачите на Америка. Некои критичари го исмеваа овој аргумент, забележувајќи дека Делот 3, исто така, се однесува и на „функционерите на Соединетите Држави“, што сигурно го опишува претседателот. А сепак, други клаузили од Уставот прават разлика помеѓу претседателот и функционерите на САД, како што бил случај и со судските мислења низ годините.
Соочени со овие и слични спротивставени аргументи кои ги вклучуваат каприците на јазикот и разбирањата загубени во историјата, Врховниот суд не може веродостојно да го реши случајот со вид на тесна легалистичка анализа што судовите често ја користат. Како што тоа го имаат направено во речиси секој голем случај, судиите ќе мора да одговараат за поголемите проблеми на конституционализмот, политиката и јавното добро, со внимателно размислување за можноста за народна реакција во време кога јавната поддршка за Судот се има намалено.
Како што направи во минатите контроверзни случаи, Главниот судија Џон Робертс, ќе се залага за едногласно мислење за да го заштити Судот од обвиненија за партизација. Бидејќи вообичаениот начин да се постигне едногласно мислење е да се донесе одлука врз најтесните можни основи, една опција е да се каже дека претседателот не е „функционер на Соединетите Држави“ за целите на Делот 3. Тоа би го зачувало Делот 3 за повеќето други владини функционери и би му овозможило на Судот да избегне заземање став за експлозивното политичко прашање за тоа дали Трамп се вклучил во бунт.
Друга алтернатива, Судот би можел да го следи случајот Грифин од 1869 година и да каже дека Делот 3 го овластува Конгресот да дисквалификува владини функционери, но не го наложува сам по себе. Во 1870 година, Конгресот имплицитно ја прифати таа теорија преку наметнување дисквалификација само на функционери кои се мешаа со Реконструкцијата. Но, се чини малку веројатно дека тројцата либерални судии ќе се согласат со ова. Така што, Робертс можно е да се обиде да донесе едногласна одлука против Трамп.
Тесната одлука против Трамп би можела да значи дека федералните судови не треба да го попречуваат постапувањето на државите во однос на пристапот на гласачките ливчиња каде државните судови обезбедуваат добронамерни толкувања на Уставот на САД. Тоа би можело да ја уништи кампањата на Трамп со тоа што ќе биде вовлечена во судски спорови во 50 држави, што може да резултира со негово отстранување од гласачкото ливче во клучни јурисдикции.
Но, дали судиите назначени од републиканците би пресудиле против Трамп? Можно е. На крајот на краиштата, тие се водечки личности, а не популистички бунтовници и немаат покажано многу лојалност кон Трамп во случаите каде што тој се обидуваше да ги унапреди своите лични и политички интереси, наспроти широко споделените републикански политики. Трамп, карактеристично јавно го осуди Судот како „ништо повеќе од политичко тело“ по една од пресудите против него. Судиите сигурно со задоволство би го тргнале од глава.
Конзервативните судии, исто така, може да ја прифатат конвенционалната мудрост дека републиканец освен Трамп има најдобра шанса да го победи Џо Бајден. Пресудата против Трамп, оттука би осигурала попочитуван кандидат и би го ставила Судот на страната на мнозинството Американци кои мислат дека Трамп треба да биде дисквалификуван. Покрај тоа, конзервативците на Судот сé уште можат да се потпираат на добрата волја кај некои републиканци за нивното елиминирање во 2022 година на федералното право на абортус.
Но, и покрај абортусот, десничарските подбуцнувачи би славеле напаѓајќи го Судот, кој може да се најде без сојузници од десницата или левицата. Значи, неизвесни би биле последиците, кои би можеле да ја продлабочат поларизацијата, па дури и да предизвикаат политичко насилство, тешко е да се замисли судиите да се соберат за едногласно мислење.
Еден можен начин напред, тогаш, би бил за Судот да реши некои од правните прашања – како што е точната дефиниција на „бунт“– и да назначи специјално лице или комисија да се вклучат во забрзано утврдување на фактите, со брза жалба назад до Судот откако фактите ќе бидат откриени. Иако првостепениот суд во Колорадо одржа кратко сослушување за да ги утврди фактите, неговиот извештај за утврдување на фактите сугерира дека е изработен само оскуден запис. Сослушување пред комисија составена од високи или пензионирани федерални судии би ѝ овозможило на јавноста да дознае што се случи на 6 јануари во помалку пристрасно опкружување отколку конгресната Комисија од 6 јануари.
Овој процес ќе ја повтори Изборната комисија од 1877 година, која ги реши спорните избори помеѓу Радерфорд Б. Хејс и Семјуел Тилден. Таа комисија беше назначена од страна на Конгресот, а не од Врховниот суд, но Судот има претходно назначени комисии и специјални лица (иако во различни околности). Нема сомнеж дека може да најде власт повторно да го направи тоа.
Американците веќе не ѝ веруваат многу на владата, но тие имаат преостаната доверба во судството, со неговите застрашувачки форми и процедури. Едно редовно судење (идеално телевизиско, иако и за тоа би било потребно промена во политиката) би можело конечно да понуди јасен пат напред.
Ерик Поснер е професор на Правниот факултет на Универзитетот во Чикаго.
Превод: Н. Цветковска