На денешното централно собрание на Алијанса за Албанците, што се одржа во Скопје, е донесена иницијатива за разрешување на Арбен Таравари од лидер на партијата , изјави на прес-конференција по завршување на состанокот Зијадин Села, кој според статут е претседател на партиското собрание на АА.
„Го чекавме да дојде претседателот на партијата Таравари таму каде што припаѓа и каде што му е местото, а тоа е во ова централно собрание како највисок орган меѓу два конгреси. Тој не дојде. За жал, според ова, од страна на членови на централното претседателство, беше предложено дека е беспредметна точката од дневниот ред каде што претседателот треба да даде отчет за последните збиднувања во АА, по што таа беше тргната и беше ставена друга точка, односно иницијатива за разрешување на претседателот на партијата, според членот 48 од статутот на партијата“, истакна Села.
Тој информира дека по таа точка од 108 присутни членови на централното собрание, 106 гласале „за“ иницијативата, еден бил против и еден воздржан.
Како последица и резултат на оваа одлука, другата точка беше да се оди на Конгрес што ќе се одржи на 18 февруари и каде што ќе се одлучува за иницијативата што ја донесе централното собрание на АА за разрешување на претседателот на партијата Таравари.