– Во текот на утрешниот ден Градот Скопје редовно ќе се снабдува со вода, без никаков прекин во снабдувањето, одговорија од ЈП Водовод и канализација доцна вечерва на прашањето од Фронтлајн.
Попладнето во саботата на фејсбук страната од ЈП Водовод и канализација – Скопје, беше објавено известување во кое се наведуваше дека в недела на 11 февруари, од 17:00 часот поради интервенција на главната водоводна цевка Ф1600 мм во Рашче, намален притисок или прекин на водоснабдување ќе има речиси 90 отсто од главниот град.
Подоцна вечерта, како што пиша Фронтлајн, веста беше избришана од Фејсбук страницата на Јавното претпријатие.
„За жал, на социјалните мрежи од страна на неовластени лица беа објавени и ширени неточни и непроверени информации, при што против овие лица јавното претпријатие Водовод и канализација ќе превземе соодветни чекори за утврдување на одговорност поради обид да создадат несигурност кај граѓаните на градот Скопје. Утре сите населени места во Градот Скопје ќе бидат целосно и редовно снабдени со вода за пиење, се наведува во одговорот од ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Ј. Ѓ.