Во борбата против дезинформациите и странското малигно влијание, се користат најразлични методологии. ЦИВИЛ, организација за човекови права, основана во 1999 година, постојано трага по иновативни решенија во оваа област, но еден принцип задржува во сите свои активности и проекти: директна комуникација со граѓанките и граѓаните. Во тој дух е и определбата луѓето кои се дел од оваа голема организација, стара 25 години, секојдневно да бидат во директен контакт луѓето.
Денеска, тимовите на ЦИВИЛ се во источниот дел на земјата, откако во текот на вчерашниот ден беа на улиците на главниот град.
„Како и во другите клучни области, така и во борбата против дезинформациите и хибридните закани, ЦИВИЛ работи заедно со граѓанките и граѓаните на нашата земја. Не можете да очекувате ефикасност и успех, ако немате директна комуникација со луѓето. Во изминатите 25 години, ние токму тоа и го правиме – работиме заедно со граѓанките и граѓаните, бидејќи ние сме дел од нив“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во пресрет на денешното патување низ источниот дел на земјата.
Напладне, во Штип, претставниците на ЦИВИЛ ќе одржат брифинг на тема „Дезинформациите и странското малигно влијание: Предизвици и градење отпорно општество“ со почеток во 12 часот.
На брифингот, ЦИВИЛ ќе ги презентира активностите во оваа област и со присутните ќе размени информации, ставови и препораки за постојните состојби, како и за тоа што е потребно за да се надминат последиците предизвикани од дезинформациите и странското малигно влијание во нашето општество. Посебен акцент ќе биде ставен на конкретни предлози како да се изгради отпорно општество.
Како што информираат во ЦИВИЛ, претставниците на организацијата ќе бидат на располагање на локалните медиуми за изјави.