Објава дезинформира дека Министерството за правда не испратило барање за екстрадиција на Љупчо Палевски-Палчо од Турција и покрај тоа што самото барање беше испратено експресно во декември и по него веќе се постапува од страна на турските власти, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Зошто Министерството за правда ги лаже Македонците дека пуштиле во Турција барање за екстрадиција на Палчо? Од што се плашат да биде во МК.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, дека Министерството за правда не испратило барање за екстрадиција за Љупчо Палевски-Палчо до Турција, Министерството за правда не само што испрати такво барање, туку постапката е и во поодмината фаза од самото барање.
На 6 декември 2023 Министерството за правда побара од турските власти Палевски да биде задржан во притвор поради екстрадиција сѐ до завршување на постапката. Министерството за правда на 6 декември 2023 година во 9 часот и 20 минути доби официјално известување од Интерпол дека лицето Љупчо Палевски барано со меѓународна потерница е лишено од слобода во Турција.
Министерството за правда ја отпочна постапката за екстрадиција и ги прибира сите документи од институциите кои се потребни за нејзина реализација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите како би можело Министерството за правда да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција, објавија тогаш од Министерството за правда.
На 7 декември 2023 година, барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски беше потпишано. Барањето го изготви Обвинителството, а го потпиша министерот за правда, Кренар Лога.
Министерот за правда Кренар Лога го потпиша барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја, соопштија од Министерството за правда на Република Северна Македонија на 6 декември 2023 година.
На 13 декември 2023 година Министерството за правда добило известување дека до нивните колеги во Турција стигнало барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо, осомничен за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски. Барањето било испратено по сите три возможни канали до турското министерство за правда и за надворешни работи и преку Интерпол.
И јавното обвинителство на својата веб-страница на 6 декември информира дека ОЈО Скопје го изготви Барањето за екстрадиција од Република Турција на лице осомничено за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Република Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од ИНТЕРПОЛ, Анкара е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во Република Турција. Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница. На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство, пишува во соопштението на Обвинителството.
Одделението за меѓународна правна помош на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, врз основа на Европската конвенција за екстрадиција со дополнителните протоколи, Договорот за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети меѓу Република Македонија и Република Турција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, ова барање за екстрадиција итно го доставило до Министерството за правда, а потоа е испратено во Турција.
На 29 декември 2023 година Министерството за правда информираше и дека добиле допис од Турција со кој се известени дека Палевски е во привремен затвор во Баликесир додека се чека екстрадицијата.
Според соопштението, во допис од Републичкото Јавно Обвинителство Беликесир-Турција се информира дека на лицето Љупчо Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело „Намерно убиство на дете”, му е одреден привремен затвор согласно Законот 6706 член 14, со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, објави Дојче Веле.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека објавата што ја рецензираме е невистинита. Министерството за правда не излажало дека побарало екстрадиција за Палевски од Турција. Постапката е во напредна фаза и е во тек.
Извор: Мета.мк