Многу е важно таа политика безидејна на ВМРО-ДПМНЕ да биде поразена, ние се бориме и на овие избори што доаѓаат, затоа има разлика помеѓу нивните и нашите кандидати, нашиот Пендаровски и нивната Силјановска и затоа има разлика помеѓу политиките што ги нудиме, рече вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ во интервју за Слободен печат.
„Ние нудиме една одговорна политика која што им кажува на граѓаните и нешто што на прв поглед не им се допаѓа, меѓутоа ние не сакаме да ги лажеме граѓаните. Сакаме да им кажеме како стојат работите навистина. Денеска Северна Македонија е ценет член на меѓународната заедница, ние сме ценета членка на НАТО, ценет кандидат за членка на ЕУ. Имаме отворени врати секаде, имаме стратешко партнерство со САД кое функционира на дело, имаме отворени врати во сите политички семејства еве во Рим минатиот викенд на конгресот за избор на партијата на европски социјалисти. Ние како држава Македонија имаме многу пријатели и ги користиме за наш интерес“ рече Маричиќ.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ со тврдењата дека може да се репреговараат нови услови за евроинтеграцииите, ја носи државата во нова замка и во нова изолација.
„Доколку влеземе во замката на ВМРО-ДПМНЕ дека можеме и треба да преговараме во нови услови кои што знаеме дека однапред нема да се случат, тогаш ќе се доведеме до една ситуација знаете како беше со Грција. 2008 година,кога го добивме ветото за НАТО, а со тек на време се помалку имавме поддржувачи бидејќи нашата политика беше градење на непријателство и тензии со сите соседи наместо градење на пријателство и решавање на проблемите. Не сакаме тоа да се повтори и не го заслужуваат тоа нашите граѓани. И мислам дека доколку водиме одговорна и отворена политика граѓаните ќе ја ценат повеќе отколку да ги лажеме како што знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ ги лажеше и дека ќе ги смени и ќе го врати името итн…Ние до сега сме нуделе многу можности како опозицијата да се вклучи во разговорите со ЕУ како да даде свој придонес, како да има контрола врз процесот, но за жал активната блокада беше единствено што ВМРО-ДПМНЕ го правеше.“ посочи Маричиќ.