Граѓанскиот активист, Самет Шабани вели дека партиите со подолго искуство на власт (ВМРО-ДМНЕ, СДСМ и ДУИ) секогаш прогласуваат кандидати што имаат меѓународна ‘мрежа’, бидејќи позицијата претседател се смета повеќе како репрезентативна и со поинтензивни односи со меѓународната заедница, а помалку со народот/граѓаните.
Затоа, додава тој, Бујар Османи беше најприродниот и очекуваниот кандидат на ДУИ за ова позиција.
– Предноста на Османи наспроти другите кандидати е токму неговото искуство во меѓународната сцена во последните пет години. Исто така, Бујар Османи успеа да го зачува партискиот легитимитет низ годините, затоа и немаше некој внатрешен спор околу неговата кандидатура, што е дополнителна предност, особено во однос на мобилизирање на гласови од страна на партиските милитанти и членови, изјави Шабани за „Фронтлајн“.
Според нашиот соговорник, не се мали ниту предизвиците пред Османи.
Од друга страна пак, предизвиците на Османи се: соочувањето со афери на корупција и нелегално збогатување во јавноста, во неколку наврати; поддржувањето на кандидатурата само од албанска партија, т.е не станува збор за ‘консенсуален’ кандидат со поддршка на гласачи од други етникуми; кампањата на ДУИ освртена во надворешно-безбедносни политики (со слоганот ‘НЕ на Русија, ДА на Европа!’), т.е не во реални и суштински теми на граѓанинот во секојдневнието – како што се благосостојбата, здравјето, образованието, економската стабилност, изјави Шабани за „Фронтлајн“.
Политичкиот аналитичар Урим Салиу вели дека Бујар Османи докажа дека е добар и комплетен дипломат надвор од она што може да му го кажат неговите политички противници и тоа го докажа особено во насока на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
– Во многу деликатно време, неговиот врв на политичката кариера, е неговото претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во многу тешко време, односно во време на еден од најголемите конфликти по Втората светска војна, како оној во Украина. Тој лесно може да изврши голема функција како што е претседател на државата доколку би победил во големата и многу конкурентна и тешка трка за оваа функција. Тој е политичар со визија, достапен за сите партии, кој веќе има стекнато големо искуство како носител на неколку големи и значајни функции, вели Урим Салиу – политички аналитичар за „Фронтлајн“.
Северна Македонија, вели Салиу, никогаш досега немала поголем настан од 30. Министерски совет на ОБСЕ што се одржа во нашата земја и го предводеше Бујар Османи.
Кој е Бујар Османи?
Бујар Османи е роден на 11 Септември 1979 во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторира во јули 2018 година.
Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е Специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија во Скопје. Во 2011 исто така е назначен за Секретар за комуникација со јавност при претседателството на Демократската Унија за Интеграција.
Од јуни 2017 година е назначен како Заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. Во текот на овој мандат Република Северна Македонија оствари сериозен напредок во европските интеграции: во процесот на Стабилизација и асоцијација земјата премина во втора фаза; Република Северна Македонија стана членка на Јадранско-јонската инцијатива, а како клучна придобивка претставува одлуката за почеток на преговорите со Европската Унија.
Како предводник на Секретаријатот за европски прашања, Османи воедно ја извршуваше и функцијата Национален координатор за распределба на странска помош и ИПА фондовите во земјата. Под водството на Османи значително беше подобрена апсорпцијата на ИПА средствата од Европската Унија, како и значајно беше унапредена соработката во рамките на билатералната помош.
Од јули 2018 година е назначен за Шеф на државната делегација и Главен преговарач со Европската Унија, под чија палка беше започнат, се водеше, и успешно беше завршен процесот на објаснувачки скрининг со Европската Унија.
Османи е постојан член на Владиниот кризен штаб за справување со КОВИД-19, а во првата половина од 2020 година, беше назначен за Главен координатор на локалните кризни штабови и Кризниот штаб на Градот Скопје.
На 30 август 2020 година, Бујар Османи е избран за Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија.
Бујар Османи е оженет, татко на две деца. Зборува албански (мајчин јазик), македонски, англиски и делумно француски јазик.
Дестан Јонузи