По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Платформата за родова еднаквост организираше протестен марш во Скопје на којшто се испишуваат осум црвени линии, меѓу кои еднакви плати меѓу мажите и жените, 50 проценти застапеност на жените на позициите на моќ и решителност на институциите во борба и активност во справување и препознавање на фемицидот.
-Мојата црвена линија е општество кое препознава насилство, нула силувани жени, сите насилници да одат во затвор и да бидат правно санкционирани, нула починати родилки за време на пораѓај. Ова се основните црвени линии преку кои што не прегазуваме и воопшто не преговараме, истакна во изјава за медиумите Ана Аврамовска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Меѓу другите точки од осумте црвени линии тие бараат и соодветен статус за жените работнички во културата, систематско решение за пристап до платено породилно отсуство и боледување на жените земјоделки, пристап до безбеден и легален абортус во секоја општина, енергична акција на државата за жените работнички и да им се обезбеди грижа за нивните деца, како и вложување на државата во борбата против митото и корупцијата, кои, како што велат, несразмерно ги погодуваат жените и се главна причина за заминување на младите луѓе од земјата.
Борбата уште не е завршена, имаме уште многу работа за да стигнеме до еднакви права. Треба сите здружено заедно со граѓанскиот сектор, институциите, но и луѓето што ги претставуваме заеднички да работиме на менување на свеста пред се за да дојдеме до општествена трансформација која потоа би ни дозволила секој подеднакво да ги ужива своите права, изјави Тања Иванова од Реактор истражување во акција.
Маршот кој почна од плоштадот Скендербег кај Старата скопска чаршија, со трансперенти “Дали е среќен 8 Март”, “Не преговарам за моите права”, “Платен домашен труд”, продолжи кон Владата, а потоа пред Собрание, односно пред паркот Жена Борец.
На маршот се забележаа и транспаренти поврзани со правата на жените Ромки, како и транспаренти за солидарност со палестинските жени во Газа.
Харис Сулејман / Цивил Медиа