Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Знаeте што, јас не ѝ верувам на нашата јавност кога оплакува нечија „општонародна смрт“, без разлика за кого ѝ да се работи. Мака ми паѓа од тие жални куробрецања. Еве зошто. Дури и децата знаат, а посебно знаат психолозите за средно образование: штом некој човек го задеси силна болка поради губење на драга личност, тој напросто занемува. (Оттука, јас не бев во можност во понеделникот да напишам ниту збор. Не можев да изустам една речница вербално, а камо ли да седнам и пишувам.)
И така е повеќе или помалку секаде во светот, освен во нашата предмодерно-технолошка-фејсбук револуција од „третиот свет“. Поготово во нашата чаршија, кога ќе умре некој достоинственик вреден за нивното жалење – се распрдуваат, се размрсулавуваат, што би можело да се поднесе кога не би лупетале така како што лупетаат за сите пари. Таквото однесување умее да поприми и гротескни облици. Разни „персони на инверзијата“ изјавуваат, „Не смееше да нè напуштиш“, „Сега разбравме што изгубивме“, „Ти никогаш нема да умреш“, а таквите оплакувања и болки со кого нема да ги поделат ако не со својот „љубен народ“.
Мирко Попов не го познавав лично, неговата музика слабо ја разбирав, генерално речено, немам слух, а многу малку слушам и музика, освен повремено „Tandersticks“, ама неговите политички ставови ги разбирав, некои ми беа блиски, некои не. Сензбилитетот на Мирко ми беше близок, барем од тоа што јавно го говореше и пушуваше. Сега, овде, тука и денес, ако може да нè види Мирко, сигурен сум дека би не отерал сите во 3ЛПМ кога би имал можност да види кој сè се плчипичкари и куробреца за неговата смрт. Имаше и такви будали кои Мирко го прогласија мртов уште пред навистина да умре.
Односот кон смртта – да не речам односот кон „посмртниот менаџмен“ – многу зборува за односот на ожалостените во средината која живеат отколку што кажува нешто за покојникот. Од сето приложено до сега, произлегува дека животот во оваа земја е инпрегниран – измеѓу останатото – со неверјатно лицемерие, сеопшто фолирање и грандиозно плачипичкарање „на ангро“, за малку не реков „на празно“.
Поради тоа, кога можам, а можам често, кога ќе ми умре некој близок пријател и сродник – избегнувам да одам на погреби. Ако некако можам – или ми успее – нема да се појавам ниту на мојот погреб. На мојот погреб, веројатно нема да појдам. Таму најверојатно ќе ме однесат. А денес, во име на Мирко Попов, ќе отидам во најблиската Црква и ќе запалам свеќа, за покој на душата. Мирко ја поднесе смртта многу помашки отколку оние што денес го жалат.