ЦИВИЛ најостро ја осудува полициската бруталност врз новинарот Фуркан Салиу, бара ослободување и истрага за кршење на човековите права. ЦИВИЛ најостро ја осудува полициската бруталност врз новинарот Фуркан Салиу, при неговото апсење за време на фудбалски натпревар во Коњаре, кумановско.
Според извор на ЦИВИЛ, очевидец на настанот, новинарот Фуркан Салиу реагирал вербално при апсење на навивач за време на важниот фудбалски натпревар меѓу Коњаре и Куманово, при што им укажувал на полицајците дека немаат право да го апсат. Притоа, припадниците на специјалните полициски сили се нафрлуваат на новинарот и го соборуваат на земја, што може да се види и од видео снимките на социјалните мрежи.
Објавените видео снимки упатуваат на прекумерна употреба на сила, што може да претставува кршење на човековите права, според ЦИВИЛ. Извори на ЦИВИЛ, исто така, упатуваат на загрижувачки факт – дека новинарот Салиу е претепан од полицијата и дека бил тепан и после приведувањето во полициската станица во Гази Баба. Такво постапување претставува флагрантно кршење на човековите права! Очигледно е дека смената на началниците во МВР, под командата на актуелниот технички министер за внатрешни работи, има ваков ефект – пречекорување на овластувањата и полициска бруталност.
ЦИВИЛ бара итно ослободување на новинарот и независна истрага за пречекорување на овластувањата и полициска бруталност против новинарот Салиу, како и кон сите други што денеска биле предмет на вакво постапување на полицијата.