Денеска ЦИВИЛ ја лансира веб страницата ГЛАСАЈ. На оваа веб страница се објавуваат релевантни вести и информации за изборите, линкови до официјални извори, како и текстови и видео содржини за граѓанска едукација за правото на глас и важноста на граѓанското учество во изборните процеси.
Интересна новина е алатката за планирање на гласањето. Таа има цел да им помогне на граѓанките и граѓаните да го планираат своето гласање.
„Ова е важно, бидејќи гласањето, сепак, е поважно од една шолја кафе во кафуле, а ќе ти одземе отприлика исто толку време“, вели Џабир Дерала, ЦИВИЛ, во видеото објавено на социјалните мрежи.
Тој ги потсетува гласачите дека „на 24 април и 8 мај сите заедно имаме можност да одлучиме во која насока ќе се движи нашата држава во наредните четири години.“
„И најобична нарачка во кафуле не му ја препушташ на друг, па зошто тогаш би оставил друг да решава за твојата иднина без твое учество?“ – вели Дерала во краткото видео.
Иницијативата на ЦИВИЛ носи наслов „Ти одлучуваш. Гласај!“ и обединува голем број јавни личности, јавни интелектуалци, уметници, универзитетски професори и активисти кои пред камерите на ЦИВИЛ говорат за важноста на гласањето и ги повикуваат граѓанките и граѓаните да излезат на гласање и да гласаат слободно и по сопствен избор.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
Преземено: Цивил Медиа