Тргнувајќи од фактот дека и понатаму сака да биде подучуван и доедуциран, проф. Славески ме прозива и сака уште некоја бесплатна лекција, па во духот на социјалдемократијата, повелете професоре, пишува на социјалните мрежи вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи.
„Спомнувањето на последниот пролетен извештај на Светска Банка е до сега најспектакуларниот автогол (да се изразам со спортски речник) кој сте го постигнале професоре. Подолу ви е графиконот кој ги демантира сите ваши јавни настапи откако Белиот Дворец и вашиот ментор кој избега во Будимпешта преминавте во опозиција во 2017 година, а јас ќе споменам само неколку од нив:
• зголемувањето на платите врши силен инфлаторен притисок, неточно
• платите ги изеде инфлацијата, неточно
• зголемувањето на платите не ја следи продуктивноста, неточно
• бизнисот нема да го издржи покачувањето на минималната плата, неточно“ пишува Битиќи.
Тој се осврна и на ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите од 5.000 денари.
„И капак на сите овие „тези“ или „антитези“, пошто вие и вашата партија сте познати само по движењето контра, и никогаш напред, сега доаѓате со бомбастично ветување кое многу лесно го прочитаа преку 334.000 пензионери, на кои им ветувате зголемување од 5.000 денари на пензиите без да кажете кога и во колкав временски период ќе се случи тоа зголемување. Ако навистина тоа планирате да се случи веднаш после изборите, тогаш тоа е како да сте ставиле динамит на „браната чии загуби на вода“ од 48% во 2016 ги сведовме на подносливи 32% во 2023, и сега вие ја барате довербата од граѓаните со ветување дека оваа брана веднаш после можното идно доаѓање на власт ќе ја кренете во воздух. П.С. Браната е алузија на фондот за ПИОМ“ порача Битиќи.