Швајцарија победи на 68-миот избор за песна на Евровизија, што се одржа синоќа во Малме, Шведска, со што заврши жестоката и на моменти бурна конкуренција засенета од спорот околу вклучувањето на Израел и дисквалификацијата на холандскиот натпреварувач само неколку часа пред почетокот на големото финале.
Швајцарскиот пејач Немо, кој се идентификува како небинарен, влезе во финалето како трет фаворит на обложувалниците, но ги победи фаворизираните Хрватска и Израел со ентузијастичката изведба на песната The Code.
Музичките изведби ризикуваа да станат фуснота на најголемиот светски музички настан во живо, откако холандскиот натпреварувач Јост Клајн беше дисквалификуван од големото финале поради, како што го опишаа организаторите „инцидент“ во кој учествуваше жена член на продукциската екипа.
Холандскиот радиодифузер кој го испрати Клајн на натпреварот рече дека е „шокиран“ од „несразмерната“ одлука и одби да ги подели поените на своето жири на крајот од шоуто.
Суспензијата на Холандија ја засили веќе политички набиената атмосфера, бидејќи Клајн се чинеше дека го изрази своето несогласување со присуството на Израел на прес-конференција во четвртокот, гласно поддржувајќи ја новинарката која ја прашала израелската натпреварувачка, Еден Голан, дали мисли дека нејзиното присуство може да ги загрози присутните навивачи во арената.
Израел доби дозвола да се натпреварува од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во март, откако смени некои од стиховите на баладата на Голан Ураган, песна за трауматичното искуство од масакрот на Хамас на 7 октомври, првично насловена Октомвриски дожд.
Но, прашањето дали на Израел треба да му се дозволи да се натпреварува или не додека е вклучен во воен конфликт во Газа продолжи да доминира во периодот пред петдневната кич екстраваганција во шведскиот град Малме, при што пропалестинските активисти неуспешно повикуваа да учествуваат уметниците да се приклучат на нивниот бојкот.
На големите демонстрации во центарот на градот Малме во саботата, неколку илјади демонстранти со палестински знамиња го објавија својот став дека на Израел не требало да му се дозволи да се натпреварува, наведувајќи го како преседан исклучувањето на Русија од 2022 година.
Некои демонстранти подоцна се префрлија кон концертната локација јужно од центарот на градот, извикувајќи „Срам да ви е“ на навивачите кои влегуваа во арената. Околу 30 лица се приведени во полиција.
Внатре во арената, свирежите главно беа задушени од овации додека Голан излезе на сцената. Израел по гласовите од публиката беше втор, пред нив беа само Хрватска.
Организаторите на Евровизија ги отфрлија гласините дека во инцидентот поврзан со суспензијата на Холандија биле вклучени други изведувачи или членови на делегацијата, па дури и расправија со израелската делегација.
„Шведската полиција истражуваше поплака поднесена од жена член на продукциската екипа по инцидентот по настапот на холандскиот изведувач во четвртокот вечерта во полуфиналето“, рекоа тие, повторувајќи ја „политиката на нулта толеранција кон несоодветното однесување на нашиот настан“.
Во соопштението, холандската телевизија „Авротрос“ рече дека е „шокирана“ од „несразмерната“ одлука, велејќи дека изведувачите само направиле „заканувачки потег“ кон снимателката, но не ја допреле.
„Против јасно постигнатиот договор, Јост беше снимен кога штотуку се симна од сцената и мораше да брза во зелената соба. Во тој момент, Јост постојано укажуваше дека не сака да го снимаат. Ова не се почитуваше“.
Според телевизијата, таа понудила „неколку решенија“ на ЕБУ, која сепак одлучила да го дисквалификува Клајн. Мартин Остердал, извршниот директор на Евровизија, привлекуваше гласни свирежи од публиката секогаш кога се појавуваше на екранот за време на шоуто.
Ирската, небинарна пејачка Bambie Thug, не се појави на последната генерална проба, што ги поттикна гласините за нивното повлекување од настанот.
Во соопштението, тие подоцна рекоа дека нивното отсуство е поради посебно несогласување со ЕБУ, поврзано со однесувањето на израелскиот јавен радиодифузер, Кан, за време на првото полуфинале.
Францускиот изведувач Слиман го прекина акапела делот од неговата песна Mon Amour за време на генералната проба за да одржи говор за „љубовта и мирот“.
Во Норвешка, поранешната натпреварувачка од земјата Алесандра Меле се повлече од својата улога на портпаролка за презентација на поени на жирито, поради, како што таа го нарече „геноцид“ на Блискиот Исток.
Настапот на Швајцарија со Немо Метлер ги следи стапките на претходните квир, трансродови или драг натпреварувачи кои беа лансирани во светот на Евровизија, од израелската Дана Интернешнл во 1998 година до Австријката Кончита Вурст во 2014 година.
Политиката и музиката беа испреплетени на начини што беше тешко да се отплеткаат.
Извор: Гардијан