Гордана Силјановска Давкова на седница во Собранието вчера, беше инаугурирана за претседателка на државата.
За време на свечената изјава во Собранието, претседателката Силјановска Давкова не го користеше уставното име на државата и на местото Република Северна Македонија, претседателката изговараше – Македонија.
Таквата изјава повлече лавина од реакции.
Свечената седница во Парламентот ја напушти амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, поради тоа што во свечената изјава Силјановска Давкова не го употреби уставното име на државата – Северна Македонија, туку рече Македонија.
Дел од грчките медиуми веднаш објавија коментар „Провокација од Силјановска “, пренесувајќи го текстот на државната новинска агенција АНА-МПА насловен „Северна Македонија: Гордана Сиљановска положи заклетва како претседателка на земјата, која ја нарече ’Македонија’“.
-Амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софиа Филипиду, која беше поканета на седницата на Собранието за инаугурацијата на Гордана Силјановска , си замина во знак на протест поради фактот што претседателката за време на нејзината заклетва ја нарече земјата „Македонија“, прекршувајќи го Договорот од Преспа, објави АНА-МПА.
Реагираше и Министерството за надворешни работи на Грција кое соопшти дека „билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“.
Грчкото МНР наведе дека „за време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силјановска-Давкова, одбра земјата да ја нарече „’Македонија’“.
-Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски, соопштија од грчкото МНР, посочувајќи дека грчката Влада, и покрај приговорите што ги искажа како опозиција, го почитува Договорот како ратификуван меѓународен договор, кој надвладува која било друга законска одредба.
Нелегална, недозволива и провокативна, ја карактеризира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, одлуката на Гордана Сиљановска Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација и паралелно ја повика новата претседателка „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“, но и порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име, јави дописничката на МИА од Атина.
Во опширниот пост на Фејсбук објавен рано утрово, Мицотакис потсетува на позициите на Нова демократија додека беше опозиција, истакнува дека Грција не прифаќа вакви пропусти и посочи дека името, избегнувањето провокации и почитувањето на Договорот од Преспа се клучни и за напредокот на билатералните односи и за ЕУ перспективата на земјата.
-Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер.
Додаде дека Нова демократија како опозиција и гласаше против Договорот од Преспа и предупреди за проблемите што се создаваат, но посочи дека сега, како Влада, го почитуваат „грчкиот потпис на меѓународен договор, обврзувачки за земјата“.
-Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат. Ја повикува да се врати на нејзините законски должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнувањето провокации, напиша Мицотакис на Фејсбук.
Претседателот на грчката опозициска партија СИРИЗА Стефанос Каселакис, пак, на платформата „Х“ го повикува, како што напиша, „новото раководство на Северна Македонија да се вразуми и да размисли за своите одговорности кон историјата и иднината на нејзиниот народ“. Упати и критики до актуелниот грчки премиер во врска со Договорот од Преспа, со оглед на ставот и противењето на Кирјакос Мицотакис во периодот кога беше опозиција.
И претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен преку социјалната мрежа Х ѝ порача на Силјановска Давкова дека Северна Македонија треба да продолжи со пристапувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.
For North Macedonia to continue its successful path on EU accession it is paramount that the country continues on the path of reforms and full respect for its binding agreements, including the Prespa Agreement.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) May 12, 2024
-За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа, напиша Урсула фон дер Лајен.
Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, на социјалните мрежи напиша дека потегот на претседателката Силјановска Давкова е погрешен и повика на почитување на договорите.
„Многу е разочарувачки што новиот претседател на Северна Македонија, не го употреби уставното име на државата при денешната свечена заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, истакна Мишел.
Very disappointing that the new President of North Macedonia @gogamkd did not use the constitutional name of the country during today’s oath ceremony.
The EU recalls the importance of continued implementation of legally binding agreements, including Prespa agreement with Greece.— Charles Michel (@CharlesMichel) May 12, 2024
Првите политички реакции во земјава стигнаа од Демократската унија за интеграција и од крилото на Алијанса за Албанците кои се во коалиција со ДУИ во Европскиот фронт, кои оценија дека новата претседателка со заклетвата го прекршила Уставот.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми на прес-конференција во Собранието рече дека „изразуваат жалење што не го спомнала уставното име, дека го прекршила Уставот, повикала на единство, но спомнала само двајца лидери на партии и не кажала ништо за евроинтеграциите“.
– Беше говор за 8 Март без ништо суштински, ниту се спомна НАТО и членството на Република Северна Македонија во НАТО, како и сите предизвици кои ни претстојат, ниту кажа еден збор за Европската Унија и евроинтеграцискиот процес на земјава со сите предизвици кои не очекуваат. Не кажа ниту збор за негувањето на меѓуетничките односи, ниту за Преспанскиот договор, ниту за Договорот за добрососедство со Република Бугарија, ниту за уставните измени, рече Адеми.
Министерот за правда во техничката Влада Кренар Лога, кој е и генерален секретар на Алијансата на Албанците од крилото на Зијадин Села, пак, во реакција оцени дека Силјановска Давкова не го испочитувала уставното име на државата и оти со тоа „нејзината заклетва е ништовна“.
-Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска . Или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на Собрание), како в.д, напиша Лога во соопштение до медиумите.
Коалицијата Вреди, пак, порача дека не треба да се отвораат стари рани и оти претседателот мора да биде пример за почитување на Уставот. Изразуваат, како што наведоа, загриженост што емоциите од кампањата влијаат на рационалноста во првите чекори во реал политика.
– Имаме разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата. Претседателот на Републиката мора да биде пример за почитување на Уставот, особено кога станува збор за професорка по Уставно право. Северна Македонија, дополнуваат, е полноправен член на НАТО Алијансата и со почнати преговори со ЕУ, но не чекаат уставни измени за да продолжиме по Европскиот пат. Не ни треба отворање на старите рани. Затоа, добро е што новата Претседателка ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа, соопшти коалицијата Вреди.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија утрово соопшти дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби и на сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.
МНР повикува на внимателност од страна на политичките чинители, особено, како што наведува, од избраните државни функционери.
-Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата, нагласува МНР.
Ј. Ѓ.