Европската унија денеска вети повеќе од две милијарди евра за поддршка на сириските бегалци во целиот регион и ги отфрли сите разговори за нивно можно враќање во татковината, наведувајќи дека нема услови за нивно доброволно и безбедно враќање.
-Нашата посветеност не може да заврши само со финансиски ветувања, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, на почетокот на конференцијата за Сирија што се одржува во Брисел, пренесуваат британските медиуми.
Тој истакна дека и покрај недостатокот на напредок, напорите мора да се удвојат за да се најде политичко решение за конфликтот, решение што ги поддржува аспирациите на сирискиот народ за мирна и демократска иднина.
Во Брисел се одржува осмата донаторска конференција на Европската унија „Поддршка на иднината на Сирија и регионот“.