Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Никогаш нема да гласам за ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговата котерија која го следи и му дише во врат. Не би гласал ниту кога наспроти него би постоело поголемо зло од него. Да речеме денес, или евентуално утре, ако за Груевски, хипотетички речено, се создадат услови во кои од автомобилски гепек би се вратил на бел коњ во земјава.
Не би гласал затоа што сум космополит, не би гласал затоа што сум форматиран на универзални вредности за сите, не би гласал затоа што сум градско дете, и ова не го зборувам затоа што сум „морално исправен“ над таа котерија која на времето (од фамозниот 27-ми април 2017 година) сакаше да убие затоа што не сакаа да имаат Албанец за претседател во македонското Собрание, како што не сакаа да заминат и во опозиција. И затоа што инстиктивно сум на страната на сите оние кои се маргинализирани, ранети и исклучени од општеството по разни основи. Не би гласал за Х.М. затоа што не сум тоа што тој го претставува. Едноставно речено, такво е моето доживување на светот. И многу сум внимателен на таквото мое доживување.
Ама исто така одвратни ми се и оние гласови кои во Собранието, вчера, на „конститутивната седница“ велеа дека новиот претседател, Африм Гаши, зборувал на албански јазик. Или дека на земјата ќе и се случело „Косовизација“. Тоа значи дека денешниот претседател на Собранието треба да се одрекне од својот малцински јазик (албанскиот), наспроти мнозинскиот, а тоа е македонскиот јазик? Се разбира, не би го гласал ниту Африм Гаши, ама прифаќам и потполно ми е разбирливо кога сака да зборува на својот мајчин, албански јазик.
Ама да се вратиме зошто никогаш не би гласал за Христијан М. и тоа што тој го претставува. Прво, затоа што нивната политика е длабоко расистичка. Тоа ви е онаа политика која за некого вели дека е дојденец, јабанџија, некој што не е наш, некој што не е од тука, некој што претставува „уљез“ (хрватски термин, јазична eтимологија за човек кој е странец, демон, туѓинец, лудак, грабливец, манијак, монструм, очајник, мекуш, лешинар, шпиун, бомбаш).
Исто така не би можел да гласам за оние гласови кои денес се претставуваат за „левичарски“, а повикуваат на јазична чистина која е обратна од македонската. И Албанците се овде од некаде населени, како што се населени и етничките Македонци. Сите од некаде се дојдени, а не ми е воопшто идеја да ги размрсувам историските будалштини од типот, „Македонците се тука од 9 век“, а и кога тоа би било вистина, а не е, прашањето само се поставува: ако Македонците се тука од 9 век., тогаш од каде се дојдени во 9. век?
Ние, дојдениците, оние кои се (по)раѓавме по разни вукоебини, од Битола до Кабул, од Кичево до Њујорк, немавме големо влијание на тоа каде ќе се родиме, па некако слободно претпотставуваме дека и Христијан Мицкоски, заедно со неговата котерија која му дише во врат, исто така не можела да претпостави каде ќе се роди. Но, сепак, фактот дека некој се родил тука го извлекува своето најважно предубедување, заради кое, како што се вели, нема намера никому да се оправдува. Што значи, само тој и неговите се правоверни и вистински Македонци, а другите не се, затоа што „не си ја чувствувале земјата за своја“(!?).
Опасно е, а понекогаш и скапо е, некој да биде дисквалификуван за нешто за кое нема никакво влијание. Не е лесно да се биде десничар на начин на кој во нашите краеви тоа се станува: по бојата на очите, според местото на раѓање, според квалификациите на своите родители. Затоа што нешто нив секогаш им стрчи и им смета. И секогаш се обидуваат од вас да направат будала.
Секој шовинизам – расизам и национализам… – започнува и се завршува со фантазија за колективното Друго. Имено, додека тој, шовинистот, вечно сам, со својата жена и деца, со своето рено и својот стан – донесува одлуки само за својот живот, и за животот на своето семејство, а притоа уште и се кара со својата жена која би сакала нешто друго, оној друг, оној „иноверен“ (читај, оној што е од друга вера), оној што е од друга нација, друга боја на кожа и јазик, делува како пчелар, дел од општонароден и општомуслимански колектив. Само заради оваа будалеста идеја за светот може да се создаде идеја од голема и мрачна завера за, да речеме, дојдениците, туѓинците и странците.
Луѓето во својата природа не се бестрашни. Добар е оној страв што Бог ни го дал. „Бој се овна, бој се говна“ – а кога ќе живееш? Наместо да ги негуваме нашите стравови како што Англичаните ја негуваат тревата, а денес на таа трева играат прекрасен фудбал, ние, ете, наместо да ја заливаме тревата и се обидеме да играме квалитетен фудбал, ние, поточно простачките десничари, своите стравови ги проектираат на Другите; поточно, ги проектираат своите стравови на другите луѓе и другите народи. Или, пак, своите стравови ги проектираат така што во Другите ги исчитуваат мрачните сили кои се намерачиле да им ја киднапираат земјата, станот, нивниот автомобил, нивната жена, нивниот двор и банкарската хипотека.
Победија „Европските вредности“ (наводниците не се случајни) во Северна Македонија; сега ни останува само стравот. И како и кон кого нашиот страв ќе го проектираме.