Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Скандалозно! Претседателот на Собранието, Африм Гаши рекол дека негова татковина е Косово! Па како може така!? Од каде зема плата, каде дошол на власт, пред кого одговара, каде лежи неговата лојалност, преседан, нека си оди во Косово… се слушаат пискотници од сите ќошиња на медиумската џунгла. Се разбира, Мицкоски мандатарот, веднаш се истакна или барем медиумите, речиси без исклучок, му го дадоа вообичаеното најистакнато место. Тој побара од Гаши да се извини, „ако така рекол“. Точно така, Мицкоски од Гаши побара да се извини, ако рекол дека негова татковина е Косово.
Што навистина се случи? Во ТВ 21 е опишана целата ситуација, иако треба да се истакне дека насловот е провокативен: „Претседателот на Собранието на Македонија Гаши: Како да кажам, Косово е моја татковина.“ А насловите се сѐ што се чита во денешно време.
Гаши одговори на новинарското прашање: „Имајќи предвид дека вашето потекло е од Косово, колку сте запознаени со случувањата во Косово и со животот на граѓаните на Косово?“
„Верувајте, до деведесеттите ние немавме никаква разлика. Кога се поставија административните граници, луѓето родени по деведесеттите можеби и не можат да го разберат ова, но за мене Косово е мојата татковина, местото каде се родени моите родители и сочувствувам со сѐ што се случува во Косово. Нема ниту еден процес, политички, економски или општествен што не го следам таму и го следам со многу внимание, како да сум од таму,“ одговара Гаши, со донекаде пренагласена потреба да се „докаже“.
Но… Што ќе беше ако Африм Гаши кажеше дека негова татковина е Југославија? Дали тогаш ќе беше славен како Африм Војвода?
Дајте да видиме… Гаши да се извини за што? За потеклото? Дека е загрижен што се случува со државата од која потекнуваат неговите родители, а патем е наша соседна држава? Или треба да се извини што до 1991 година немало граница меѓу двете држави, тогаш федерални единици на една поголема држава?
Има ли сериозен човек во оваа држава?
Што ќе се случи ако некој каже дека се чувствува како граѓанин на светот? Или Европа? И поради таа идентитетска припадност ќе каже дека – заради слободата на Европа и светот – се поистоветува со украинската борба за ослободување од рускиот агресор? Кога такво нешто ќе се случи, мора веднаш да се бара прочка кај Мицкоски. Добро разбрав?
Ако кажам дека Скопје веќе не е мој град, затоа што го уништи вмровското лудило наречено Скопје 2014, а Кијив, Берлин и Лондон ги чувствувам како мои градови (сите заедно и истовремено!), веројатно ќе треба да се формира посебен меѓународен трибунал. Или ќе треба да му се извинам пола на Биљал Касами (роден сум во Тетово) и пола на Петре Шилегов (вистински скопски градоначалник), бидејќи голем дел од животот го поминав во Скопје, од каде што потекнува семејството на мајка ми од почетоците на доминацијата на Отоманската Империја на овие простори. Сепак… Извинете г. Мицкоски! Да се извинам јас навреме и на вистинска адреса. И нема веќе да навивам за репрезентацијата на Хрватска од каде што потекнува баба ми. И нема веќе да велам доминација на Отоманската Империја, туку турско ропство!
Туку, да прашам, дали и Џон Кенеди требаше да му се извини на некој американски мицкоски затоа што во говорот во Западен Берлин, 1963 година, рече Ich bin ein Berliner (јас сум берлинец)?
Дали Тито требаше да се извини што учествувал (веројатно од Париз) во Шпанската граѓанска војна? Или Бајрон, затоа што се бореше во борбата на Грција за ослободување од Отоманската доминација, пардон, турското ропство?
Да се вратам во „нашата земја“… Што да правиме со Талат Џафери кој, по посетата на местата во кои руските агресори извршија невиден масакр, рече дека е Украинец!? Да му се извини на Мицкоски? Или барањето за извинување важи само кога во прашање е Косово?
Дали Бошњаците во „нашата земја“ треба да се извинат затоа што сочувствуваат со жртвите од геноцидот во Сребреница? А ако јас го чувствувам истото, дали треба да им се извинам на Бошњаците, Србите или на Мицкоски? А ако кажам дека бугарската, хрватска, еврејската и другите заедници треба да најдат свое место во Уставот на „нашата земја“ – на кој шалтер да се пријавам за извинување?
Ајде, доста со Мицкоски. Да бидеме реални, тој не е единствениот што е вознемирен. Дури и „прогресивно-европските“ елементи се побунија, па пишуваат ли пишуваат по социјалните мрежи, пискаат во ист глас со вмраната, а „прогресивно-европските“ сајтови ги пренесуваат со подеднаква загриженост како и „куририте“. Јбг, сите сакаат да бидат Мицкоски овие денови.
Текстот е личен став на Авторот | ЦИВИЛ МЕДИА