На ниво на ЕУ, годишната стапка на инфлација мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), кој овозможува споредба меѓу земјите-членки, во мај изнесува 2,7 отсто, пресметале статистичарите.
Во еврозоната цените во мај пораснале за 2,6 отсто, ја потврди Евростат проценката од крајот на мај. Во април тие биле за 2,4 отсто повисоки во однос на истиот месец лани, пренесува SEEbiz.
Растот на цените забрза во мај и во еврозоната и во ЕУ за прв пат од крајот на минатата година.
На месечна основа, цените во двете области во мај пораснале за 0,2 отсто, пресмета Европската статистичка служба. Во претходниот месец тие се зголемија за 0,6 отсто и во еврозоната и во ЕУ.
Во мај цената на услугите најмногу пораснала во еврозоната, за 4,1 отсто во однос на истиот период лани.
Цената на свежата храна се зголеми за 1,8 отсто, повеќе од претходниот месец. Цените на енергијата се зголемија за прв пат по нешто повеќе од една година, за благи 0,3 отсто, пресметаа статистичарите.
Во мај минатата година годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 6,1 отсто, а во ЕУ 7,1 отсто.
Романија забележа највисока годишна стапка на инфлација во ЕУ во мај, од 5,8 отсто, објави Евростат.
Следат Белгија и Хрватска, членки на еврозоната, со раст на потрошувачките цени мерени со ХИЦП од 4,9 односно 4,3 отсто, во однос на мај минатата година.
Во групата земји со раст на цените блиску до нивото од четири отсто се и Унгарија, Шпанија и Португалија, каде растот изнесува приближно 3,8 отсто.
Финска забележа најниска годишна стапка на инфлација во мај, од 0,4 отсто. рп/
Во Летонија цените стагнираа, покажува извештајот на Евростат.