Со 76 гласа „за“, 16 „против“ и без воздржани, вечерва во Собранието, во рамки на 11 седница, се избрани замениците министри во Владата, кои по изборот ќе дадат свечена изјава.
За заменик-министер за одбрана е избрана Елфет Исмаили, дипломиран економист. Своето работно искуство го започнува во Фонд за магистрални и регионални патишта. Од 2006 до 2008 била директорка на ГЦПЦ Пошта Скопје 2, а од 2008 до 2019 била вработена во АД Македонска пошта како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била Придружничка на лице упатено во Делегацијата на РС Македонија при НАТО во Брисел.
За заменик-министер за внатрешни работи е избран Астрит Исеини кој завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на науки по кинезиологија. Вонреден професор е на Тетовски универзитет и на Факултет за биотехнички науки во Битола.
За заменик-министер за правда е избран Ален Деребан, магистер по право од областа на меѓународно право и меѓународни односи, со завршен правосуден испит. Од 2014 година има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.
За заменик-министер за односи со заедници е избран Неждeт Мустафа, дипломиран професор по филозофија. Од 1996 до 2002 година бил градоначалник на Шуто Оризари. Потоа бил пратеник, а од 2006 до 2017 министер без ресор – национален координатор на Декадата и стратегија за Ромите.
За заменик министер за надворешни работи и надворешна трговија е избран Зоран Димитровски, магистер на политички науки со долгогодишно работно искуство во медиумите, како главен и одговорен уредник. Димитриевски од 2020 до 2023 година бил избран за заменик-министер за локална самоуправа.
За заменик-министер за европски прашања е избрана Викторија Трајков која дипломирала на Универзитет „Св. Климент Охридски“- Битола, и е доктор на економски науки. Од 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи, а од 2019 година е избрана за доцент на Универзитет Скопје.
За заменик-министер за финансии е избран Николче Јанкуловски – доктор на економски науки, во моментот редовен професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Има издадено повеќе домашни и меѓународни публикации.
За заменик-министер за економија и труд е избран Марјан Ристески – дипломиран економист, од 2005 до 2017 година бил градоначалник на Општина Прилеп. Добитник е на неколку меѓународни и домашни признанија.
За заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини е избран Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информациски технологии. Од 2022 година е менаџер на инженеринг во корпорацијата Теламон.
За заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Флакрон Беџети, професор по политички науки на Универзитет „Мајка Тереза“ Скопје. Има долгогодишно работно искуство во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Бил државен секретар во Министерството за труд и социјална политика, а во моментов е раководител на одделение за претставки и предлози, Правен сектор.
За заменик-министер за здравство е избран Јовица Андовски, дипломиран економист, од 2011 до 2017 година бил заменик-министер за здравство. Бил в.д. директор на Секретаријатот на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и национален координатор на SEEHN.
За заменик-министер за образование и наука е избран Лулзим Алиу, доктор на филолошки науки. Тој е редовен професор по предметот Методика на наставата по албански јазик, Литература за деца на Педагошки факултет „Свети Климент Охридски” Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Од 2023 до 2024 година бил продекан.
За заменик-министер за социјална политика, демографија и млади е избран Ѓоко Велковски, дипломиран економист со долгогодишно работно искуство во Министерството за труд и социјална политика, бил секретар на Град Скопје, а во последната техничка Влада беше технички министер за труд и социјална политика. Од 2013 до 2024 година бил советник во Советот на Општина Чаир.
За заменик-министер за локална самоуправа е избран Ерџан Селими, магистер по политички науки. Од 2009 до 2014 година бил советник во кабинетот на министерот без ресор. Од 2014 до 2024 година бил државен службеник во Генералниот секретаријат на Владата, а од 2017 до 2024 година советник во Советот на Град Скопје.
За заменик-министер за култура и туризам е избран Седат Сулејмани кој заврпил Педагошка теологија на Универзитет Улудаг – Бурса во Турција. Бил заменик-министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно-административна поддршка на општинскиот инспекторат.
За заменик-министер за дигитална трансформација е избран Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер на економски науки – отсек маркетинг менаџмент, а од 2019 до денес работи во Општина Куманово.
За заменик-министер за јавна администрација е избран Лазе Јаќимоски, вонреден професор на Правен факултет – Кичево при Универзитет Св. „Климент Охридски“ Битола. Има издадено повеќе домашни публикации.
За заменик-министер за транспорт е избрана Калтрина Зеколи Шаќири која е доктор на науки. Од 2016 до 2023 година е професор на Универзитетот „Мајка Тереза“, Факултет за социјални науки, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д. декан.
За заменик-министер за животна средина и просторно планирање е избрана Ане Лашкоска, која дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје и стекнала титулата инженер по хемија. Лашковска повеќе години беше пратеник во Собранието.
За заменик-министер за спорт е избрана Сафије Садики Шаини – инженер по информатика на Природно-математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде што од 2012 до 2019 била вонреден асистент по информатика. Таа била пратеничка во парламентарниот состав 2020 до 2024 година. Од 2020 година е асистентка по информатика на Универзитетот „Мајка Тереза“.
За опозицијата се несоодветни за ресорите, за власта се стручни и професионални
Пратениците од опозицијата сметаат дека не може да се очекува многу од замениците-министри во Владата, спорејќи ги нивните биографии и професионалност, несоодветно образование на голем дел од нив за ресорот за кој се предлагаат, а реагираа и на зголемениот број членови во извршната власт наместо помалку функционери како што било ветувано од сегашната власт.
Во дебатата на попладневниот дел од 11 седница на Собранието, пред изгласувањето на замениците министри, Јованка Тренчевска од СДСМ рече дека „за да се задоволат партиските интереси, се занемаруваат интересите на граѓаните“ и „тажно е на кое ниво е спуштена оваа функција“.
-Со фенер да ги баравте, понеспособни кандидати немаше да најдете. Какви министри, такви заменици – првите катастрофа, а вторите уште поголема. Чест на исклучоците, само на неколку им е местото да бидат заменици-министри. Наместо 16, сега имаме 20, а цело време зборувавте за намалување на функционерите. Сега имаме 25 проценти повеќе министри и заменици во Владата. Нема да сработат ништо, но битно е дека вдомувате послушници. Барем да предложевте соодветни, со искуство во областа за која се именувани, експерти што ќе придонесат во креирањето политики. Не е битен квалитетот туку да се задоволи коалицијата, рече Тренчевска.
Додаде дека според биографиите, некои од нив не прават разлика помеѓу политичко и работно искуство. Во однос на несоодветно образование, таа рече дека доктор на науки по кинезиологија наместо за МВР би бил подобар за спорт, а во овој ресор, пак, инженерот за информатика, рече, би бил посоодветен за ресорот дигитална трансформација.
Според пратениците на ЗНАМ, предложени се стручни луѓе на кои треба да им се остави време и простор за да покажат што можат да направи. Особено очекуваат од нивните два предлога во вториот ешалон.
-Предложените се дел од тим кои ќе работат на исполнување на ветената владина програма. Сите се профили кои зад себе имаат професионална реализација, но и со научни титули, не се политички презреани, ниту морално опаднати, не е пресудна дипломата туку стручноста, да оставиме време и простор да ни покажат што ќе направат. Има време за критики, рече Даниела Белимова од ЗНАМ.
Љупчо Николовски од СДСМ очекува „нов импулс“ во ресорот земјоделство што тој го раководеше во претходната Влада и посочи дека граѓаните сакаат да слушнат дали ќе продолжат политиките и новите мерки што почнале во претходниот период. Тој ја поздрави, како што рече, промената што ја видел кај новата власт, односно променетиот став кон Преспанскиот договор и „прифаќањето на реалноста“ и на „храбрите одлуки“ на претходната влада.
Му реплицираше Весна Бендевска од ЗНАМ прашувајќи дали „храбри одлуки“ се тргување со македонскиот идентитет, бришење на АСНОМ од Уставот и понижување на македонскиот народ.
Пратеници од власта му реплицираа на Николовски во однос на политиките во земјоделството, обвинувајќи го дека агросекторот е уништен, 3,7 милијарди долг има за неисплатени субвенции, без плати се вработените во Национални шуми и Водостопанство…
Сали Мурати од Движење на Турците, кое е дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ, укажа дека е дискриминација тоа што ниту еден припадник на турската етничка заедница не е именуван зa министер или за заменик-министер. Според него, прекршен е Уставот кој гарантира еднаквост на граѓаните и е прекршена правична застапеност во јавните институции.
Како што рече, иако на другите заедници кои се помалобројни, согласно пописот од 2021, дадени им се функции во извршната власт, Турците како трета заедница во државава не учествува во Владата.
Блерим Беџети од ДУИ му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски со укажување дека раководи влада „без етничка легитимност“, дека треба да се почитуваат законите и оти спротивното читање на Охридскиот договор „ќе отвори дебати“.
На тоа реплицираше Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ кој му порача на пратеникот на ДУИ дека „вакво плачење по власт и за власт е незапаметено и дегутантно“ и дека срамно е ДУИ да се поистоветува со Албанците во Македонија.
-Во опозиција никој не умрел, но тие што ја злоупотребиле власта ќе одговараат зашто овој народ бара одговорност. Е за тоа вие плачете, не за Албанците, рече Пренџов.
Пред гласањето, на кое 76 пратеници го поддржаа изборот на замениците министри, а 16 беа против и немаше воздржани, се обрати премиерот Христијан Мицкоски кој порача дека Владата и нејзините членови – министри и заменици ќе работат за сите граѓани без разлика на нивната припадност.
Смета дека обединетата опозиција СДСМ, ДУИ и Левица имаат цел што повеќе „да лажат, клеветат, навредуваат и со невистини да го залажуваат народот“.
-Ја прифаќам секоја реченица што ја искажавте како опозиција. Ви благодарам за критиките и за оние за кои имаше содржина ќе се обидам како претседател на Владата да извлечам поука и да се обидам да не ги правам грешките што вие ги правевте во минатото, затоа што граѓаните ни дадоа доверба, повеќе од 600 000 граѓани ни дадоа легитимитет да ја водиме Македонија, рече Мицкоски.
Од опозицијата побара да биде повеќе самокритична и да и се извини на македонските граѓани за грешките, за нереализирани и пропаднати проекти, за вработени што не зеле плата па, како што рече, „сега со ребалансот мораше ние да изигруваме алхемичари и да се обидуваме да правиме нешто што вие го протолкувавте како лош ребаланс на буџетот“.
-Има нова политичка реалност за која граѓаните гласаа пред два и пол месеци. И колку побрзо ја прифатите и се извините, толку подобро ќе биде и за СДСМ, и за ДУИ, Левица сама си го определи местото, и сето тоа подобро ќе биде генерално и за македонската политичка сцена, рече премиерот.
Како што рече, жали и што дел од опозицијата „се уште е во националистички фолклор“, што, рече, не е добро и дека „сакаат под превезот на национализмот да го сокријат сето тоа“. Нагласи дека тоа нема да го дозволи додека е премиер, порачувајќи дека секој ќе одговара за постапките и тој лично ќе се потруди да бидат изведени на одговорност и тоа го ветува.
-Македонските граѓани се уморни од вакви крици на немоќ кои за да го затскријат криминалот и неуспехот, го користат повторно тој романтичен националистички пристап, како што го правеа тука некој од говорниците од опозицијата. Да, ќе градиме и во Тетово, ќе градиме и за Албанците, ќе градиме и во Дебар, и во Боговиње и во Струга, и во Колари и Зајас, исто како што ќе градиме и во Јакимово, и во Ново Село, и во Босилово, и во Скопје и во Гевгелија. Затоа што во оваа македонска Влада нема Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, сите ние заедно подеднакво се грижиме и треба да се грижиме за овие 26 илјади квадратни километри…Нема тука вакви или такви пари, тоа се нашите заеднички пари, за сите граѓани на нашата заедничка татковина Македонија, истакна Мицкоски пред гласањето на замениците министри во Владата.