Назначената Афрона Верзиволи во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите, информираат од Владата.
– Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Верзиволи во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Воедно посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиов период, а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) кои поради таквото работење побаруваат од државата исплата на неколку милиони евра, брифираат од Владата, пренесе МИА.
Ова следува откако медиумите денеска објавија дека ЕУ ќе испитува дали Владата поставила несоодветна главна ревизорка за Европските фондови и дека не се знае дали новоименуваната Афрона Вервизоли воопшто има лиценца за ревизор.
Реакција стигна и од СДСМ.
„Не запираат скандалозните назначувања на неквалификувани и осудени кадри на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Како што тргнале ќе имаме автентична македонска Монти пајтон Влада која ќе биде биде за потсмев. Најновите кадровски решенија за кои граѓаните се во шок, се новиот директорот на Клиниката за урологија Башким Шабани и главниот ревизор на Ревизијата на претпристапната помош, Афрона Вервизоли. Шабани има судска пресуда од 2020 година со која е виновен дека во 2019 претепал колега, удирајќи го по главата и по телото. Насилници и бивши осудени лица се очигледно главни кандидати за функционери и директори. Второто кадровско решение, Афрона Вервизоли, кое веќе го истражува Делегацијата на ЕУ во Македонија е целосно потценување на позицијата. Со владина одлука, од минатата недела на таа позиција е назначена Афрона Вервизоли која според медиумите нема соодветни квалификации за таа позиција. Според достапните информации, Вервизоли работела на шалтер во банка, а сега ќе треба да биде главен ревизор на претпристапната помош во ЕУ. Ваков напредок во кариерата е можен само во Владата на Мицкоски, а кои се причините должен е да каже тој“, соопштуваат од СДСМ.
Ј. Ѓ.