Пишува: ВАЛЕНТИН НЕШОВСКИ
Шродингер имаше мачка. Надвор беснееше војна. Било која војна. Шродингер само седеше во својата стара офуцана фотелја и повремено размислуваше што да му одговори на неодговорниот А.А. со кого повремено се допишуваше.
На неговиот компјутер понекогаш ќе се појавеше – „имате нова порака“. Знаеше дека тоа е А.А. Едноставно затоа што не се допишуваше со никого друг освен со А.А.
„Некој може да заклучи дека не постои никој друг на светот освен А.А, само од него добивам пораки, другите ми зборуваат“, мислеше Шрод. Ги слушам и ги гледам, очекувано е дека кога ќе отворат уста некој звук ќе дојде до мене. Ама не разбирам што ми зборуваат. Доаѓаат до моите уши некои осцилации јавнати на бранови од молекули. Тие бранови може да значат било што. На мојот германски може да значат едно, но на англиски друго. Имаше слушнато за таму некои прастари народи чии држави биле соседни и на чии јазици звучниот бран „не“ во едната држава значел „не“ а во другата „да“. Многу се карале тие народи околу тоа. Слично на дебатата на старите источни народи чии филозофи потрошиле години за да објаснат колку души/духови може да поминат низ иглени уши“.
„Шроооодиии“, го прекина од размислувањата високата терца на неговата љубовница која со забрзан чекор доаѓаше накај неговата соба. „Требааа да пиееееш чааај“.
Не знаеше што го нервира повеќе – вештачки артикулираната љубезност или звукот кој доаѓа накај него – најава за постоењето на некоја личност. Имаше и трета варијанта – дека на кратко личноста и не постои, туку постои само запис за нејзиното постоење во форма на звучни бранови. Звукот, во ушите на Шрод, беше иднината на постоењето на формата која доправа треба да се појави на вратата, да чукне и потоа да влезе со својата импозатност на една госпоѓица со стегнат струк, високи нозе, и убава глава поставена на врат долг 20тина сантиметри.
„Постоиш ли ти пред да те видам?“, ја праша Елиза. Така се викаше Елиза.
„Молам?“
„Ништо…зборувам глупости…“
Тој и не знаеше која година е.
Повремено ќе излезеше надвор и ќе погледнеше во еден атомски часовник кој висеше на соседната кула и кој обележуваше дека е 3 илјади и некоја година. Одбројуваше тој дека има само уште 12 дена до новата 3 илјади и некоја година.
Војната со ласери сè уште се одвиваше на периферијата на градот.
Впрочем според неговите калкулации ниту беше важно која година е.
Неговиот научен и недовршен труд покажуваше дека во квантното поле, електроните се испреплетени и кога се оддалечени. Но, ниту во таа 3 илјади и некоја година не можеше да го докаже тоа со помош на експеримент. „Проклетите експерименталисти“, често мислеше, „да не беа тие, одамна ќе сфатевме дека ништо не е важно, дека сè е неминовно сега“.
Ќе погледаше уште малку во часовникот па ќе се вратеше во собата и долго ќе гледаше во своите шкработини.
Иако и двете формули беа точни повеќе му се допаѓаше онаа која не зависеше од варијаблата ВРЕМЕ. „Тоа проклето време, знаеме каде сме, но не знаеме кога сме“.
Втората формула имаше повеќе варијанти затоа што времето е деливо до бесконечност, а не само до зептосекунда, демек, најмалата единица. Првата формула имаше помалку варијации затоа што егзистираше секогаш во секоја поставка, одеднаш.
НОРМАЛНОСТ
„Нам, драг Шрод, ни треба нормалност“, му рече жена му еднаш. Го сакаше дотолку и дотаму што ете му дозволи со нив, покрај мачката, да живаее и неговата љубовница.
Од тогаш, од тој ден, како трн во стопалото го бодеа овие зборови за НОРМАЛНОСТА на жена му Елена. Беше силна жена, жена која знае што сака, раскошно убава и паметна. Работеше во локалниот центар за податоци кој ги регистрираше сите промени во локалната вселена.
- Сите позиции на сите галаксии
- Сите позиции на сите ѕвезди
- Сите позиции на сите планети
…Комети
…Метеори
…било какви небесни тела
Така пишуваше во брошурата за мисијата и визијата на таа институција.
„Глупости“, ѝ рече еднаш на Еленор (така тој ја викаше Елена). Еленор му звучеше постоички. Запишете ги да ве видам позициите на сите честички на квантно /микро ниво.
„Зошто?“ праша таа.
„Па затоа што небесните тела се составени од честички“.
„Добро, добро, ти со твоите СИТНИЦИ“, знаеше да го погоди во нервна ганглија сопругот во моменти кога беше доволно бесна за да си дозволи мала одмазда.
„Ете, и мислите, и твојот гнев или смеа и војната надвор зависат од електричните импулси во нашите мозоци. Зависат од СИТНИЦИ, разбираш? Тивко и тажно ќе речеше Шрод.
И потоа планински брзак од мисли му течеше низ главата
„…ако ни треба нормалност. Што е нормалност, дали нормалност е статус на почеток или крај, дали нормалноста е детериминирана од интимата, карактерните варијабли на секој човек, дали нормалноста е еднаквост, збир или разлика од сите состојби, или можеби корен од пресекот на сите состојби, дали е нормално да ја сакаш и жена ти и љубовницата, дали тоа е пресек на сите миони кои ми се мотаат низ главата, а што пак со мионите во нивните глави. Зошто сето тоа воопшто постои…?“
Знам, ќе си речеше понекогаш, колку да се охрабри. Ама не знаеше, и не му текнуваше. Зошто не ми текнува, зошто овие електрични импулси во мојата глава не го најдат вистинското решение?
Потоа се тешеше – никому не му текнало досега.
Потоа паѓаше во депресија и долго не мислеше на ништо.
Потоа ќе му текнеше на неговото детство и младост и старост.
На крај ќе заспиеше.
Кога ќе се разбудеше, се прашуваше дали постоев додека спиев. Телото постоеше, но јас не се сеќавам на себе. Зошто не се сеќавам на себе и кога ете два пати досега бев под анестезија? Зошто телото не го болеше ништо иако беше живо додека го сечеа и кршеа коски?
Депресијата беше негова постојана состојба.
Потоа пак ќе си речеше – знам, за да се охрабри.
ТОЈ ДЕН
Тој ден беше обичен, секојдневен ден замрзнат во ништавилото и сештоста на вечноста. Требаше да пие „чааааај“, па да доручкува, па да слушне малку вести за војната, да ја пречека Еленор од работа, да ја праша за најблиската галаксија Андромеда која забрзуваше кон нашиот Млечен Пат во последните 100 години, од своите тогаш 100 километри во секунда, до сегашните 200 километри во секунда, па колизијата со нас ќе се случи порано отколку што првично се предвидуваше, наместо за 4 милијарди години, за 2 милијарди години.
Денес беше во добро расположение. Кога Еленор, која влегуваше низ автоматската врата, му одговори на прашањето дека нема ништо ново, односно дека забрзувањето е трајно и само за неколку стотоци метри годишно (беше обѕирна кон него) тој прокоментира – ете, Андромеда пак ми го крати животот – се насмеа бришејќи ги своите очила.
Мачката во тој момент, којзнае зошто, рипна во елегантната непроѕирна кутија, капакот зад неа се затвори, Еленор гледајќи во кутијата рече весело „Па да, тоа е нормално“, а компјутерот поставен на целиот ѕид светна и отвори една порака од А.А. на која кратко пишуваше – ГАУС.
Шрод застана.
Се замисли.
Целиот свет се преврте во него.
„Знам“, рече прво тивко.
„Што зна..?, тргна да прашува Еленор.
„Знааааам“, почна да скока Шродингер низ собата, „Знааааам“, егзалтирано скокаше на една па на друга нога, потоа падна на колена гледаше со кренати раце кон плафонот исшаран со илузија од ѕвезди, потоа стана и страсно ја баци Еленор во двата образа.
Таа го гледаше и се насмевнуваше.
“Знаеш?“, предосети таа.
„Да“, ја гледаше право во очи.
„Гледај“, со три чекори отиде кон таблата, го зема електронскиот фломастер и чкрташе забрзано.
„Што е тоа?“, влезе во тој момент во собата и Елиза.
„Ова е…ова е….негантропија“.
„Што е тоа?“, прашаа двете во ист глас, се погледнаа и се насмеаа.
„Решението за сè“, свика Шродингер. „Знаев цело време ама не ми текнуваше“.
„Е објасни де!“
„Види – ако ентропија е сè, односно е степенот на нередот или хаосот во еден систем и таа е мерка за неизвесноста, тогаш според Гаус, тој дамнешен никаквец, чекај, според ова што го зборувам тој е и сегашен никаквец… тој…тој… заклучи дека теоријата на нормална дистрибуција или континуирана дистрибуција на можното за реални спорадични варијабли е само статистика и ништо друго – ТОГАШ НЕГАНТРОПИЈА Е РАСТОЈАНИЕТО ДО НОРМАЛНОСТА“.
„Еве“, пак шкрташе по таблата –
J(y)=H(ygauss)-H(y) – „еве вака“, мрмореше…
„А потоа диференцијална негантропија односно“
h X = E log 1 q X X = ∫ q x x log 1 q x x d x или
„Ако ентропијата е хаос – негантропија е враќање кон нормалноста. Еленор дојди да те бацам уште еднаш“. Потоа се бација и тројцата играа во круг.
Кога застанаа задишани Еленор праша „Но што значи тоа, Шрод?“
„Драга Еленор, тоа значи дека ако твојата локална вселена е во ентропија, тогаш, сега, или можеби утре или за 100 години ќе се врати во нормалноста. Значи дека состојбата на сигурна колизија на Андромеда и Млечниот пат е состојба на нормалност. Тоа значи дека со статистика може да ја предвидиме иднината, тоа уште, значи дека, декааа…„размислуваше Шродингер“…дека и иднината и сегашноста и минатото се заедно, одеднаш, дека еден електрон, нешто што одамна го зборуваме, може да биде на две или повеќе места одеднаш, односно сите електрони на моево и твоето тело и телото на Елајза може да бидат на повеќе места одеднаш. И ние да бидеме на повеќе места во исто време“.
Сите седнаа.
„Таа лепота А.А. знаеше, ама ме остави сам, мене да ми текне“.
„Е па како ти текна?“
„Поради тебе. И мачката. Таа е во суперпозиција кога е внатре во кутијата, ние не ја гледаме, така?“
„Да“
„ Е па таа, и постои, и не постои во исто време, за посматрачот.
Кажи ми што значи тоа поконкретно.
„Ние сме во Македонија во 3 илјади и некоја нели. И ти си од овде нели?“
„Да“
„Е па драга Елена надвор од овој прозорец и има војна и нема војна. Може да е три илјади и некоја, но истовремено е и две илјади и некоја. Има нормалност и нема нормалност.
„Но, слушај сега ова ваажно – одиме кон нормалност заради негантропијата која е растојанието до нормалноста. Ако сме во хаос тежнееме кон ред, така?
„Да“, драг Шрод, рече Елена и продолжи…
…„но во растојанието до нормалноста е проблемот“.
„А-хм“, потврди Шродингер.
…и пак се замисли.
Специјално за Првата линија. Не е дозволено пореземање на текстот без дозвола од Редакцијата на Фронтлајн.
Прочитајте и: