Франција планира да искористи дел од 1,4 милијарди евра, колку што изнесуваат каматите од рускиот имот запленет во ЕУ, за финансирање на набавка на воена опрема за Украина, соопшти француското Министерство за одбрана.
„Заедно со другите земји-членки, Министерството ќе учествува во спроведувањето на новата мерка за поддршка на Украина од Фондот за мир на ЕУ“, се наведува во соопштението.
Се работи за сума од 300 милиони евра, кои ќе бидат доделени во текот на 2024 година. Според Министерството, овие средства ќе овозможат зголемување на темпото на работа на француската индустрија, што ќе работи за поддршка на Украина.
Европската комисија се согласи со Генералниот директорат за вооружување да ги искористи овие пари за брза набавка на муниција, артилерија и опрема за противвоздушна одбрана за вооружените сили на Украина од француската индустрија.
Околу 200 милијарди евра руски имот беа замрзнати во ЕУ по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, од кои речиси 90 отсто се наоѓаат во Белгија.
Во мај годинава членките на Европската унија постигнаа договор за искористување на каматата од рускиот имот. ЕУ во јули најави распределба на 1,5 милијарди евра помош за Украина, што одговара на првата транша од овие приходи.
Овие средства се очекува да генерираат од 2,5 до 3 милијарди евра годишно за да помогнат во вооружувањето на Украина и да се финансира нејзината реконструкција.