Пишува: ЏЕЛАЛ ХОЏИЌ
Специјално за Првата линија
Првиот вторник во ноември, во изборната 2024 година, се паѓа на 5.11 – денот кога се закажани претседателските избори во Соединетите Американски Држави. На јубилејните 60-ти последователни претседателски избори во САД, Камала Харис е кандидат на демократите, додека контроверзниот Трамп е кандидат на републиканците. Претседателот и потпретседателот на Соединетите Американски Држави не се бираат директно од граѓаните, туку со давање на својот глас; тие всушност се избираат од електорите во нивната матична држава, кои потоа автоматски се изјаснуваат за кандидатите.
Американските држави делегираат 538 члена (електори) во изборниот колегиум, а победник е оној кандидат кој има поддршка од најмалку 270 електори. Овој специфичен избор на претседател на државата понекогаш носи интересна ситуација, во која избраниот кандидат за претседател има освоено повеќе електори во изборниот колегиум, а поразениот кандидат може да има и освоено повеќе гласови од граѓаните на САД. Затоа, за оние што ќе ги следат изборите и ќе ги чекаат резултатите, многу е важно да знаат која држава колку електори носи во изборниот колегиум. Едно е сигурно, најмоќната држава во светот на 5-ти ноември ќе избере нов претседател на државата, кој потоа на 20 јануари, на почетокот на 2025 година, ќе ја преземе функцијата.
Харис направи пресврт на анкетите и води во однос на Трамп
Првичните анкети, пред актуелниот претседател Џо Бајден да се повлече од изборната трка, покажуваа водство на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Честите анкети од разните извори, покажуваа и тенденција на јасно зголемување на предноста на Трамп. Неуспешниот атентат врз Трамп, како и неговиот популистички пристап, заедно со тенденциите на дотогашните анкети, како и новата позиција на жртва, беше причина многу аналитичари и новинари да го прогласат за извесен победник на изборите. Стариот Џо Бајден, играјќи само на картата на искуството и стабилноста на политичкиот систем и демократските вредности, немаше доволно енергија да се спротивстави на популизмот на Доналд Трамп.
Пресвртот се случува кога Џо Бајден одлучи да се повлече, после лошиот старт на кампањата, а него го менува енергичната Камала Харис, која покрај одбраната на демократските вредности, успева појасно да ги артикулира заканите по САД од страна на контроверзниот Трамп и неговата популистичка политика. Одеднаш се смени сликата, сега Трамп е стариот, без енергија да се спротивстави на еуфоријата која ја произведе Камала Харис. Харис успеа да ја врати надежта кај демократите, а еден од слоганите на нејзината кампања “When we fight, we win” имаше одличен ефект во мобилизирањето на продемократските сили во спротивставување на дотогаш фаворизираниот Трамп, кој многумина веќе го беа прогласиле за победник, посебно после неуспешниот атентат.
Клучните седум држави за победник на изборите
Во САД постојат држави кои традиционално гласаат за демократите, а дел од државите традиционално гласаат за републиканците. Битката се води во оние држави кои некогаш гласаат „плаво“, а некогаш гласаат „црвено“, а резултатот од тие „неодлучни“ држави, во комбинација со резултатот од државите каде гласачите гласаат традиционално или за едните или другите, го дава исходот на изборите.
Како што кажавме, победува кандидатот кој ќе освои минимум 270 електори. Според анализите на дел од експертите, според анкетите и претпоставените резултати од државите кои гласаат „плаво“ или „црвено“, моментално Харис може да смета на 226 електори, додека Трамп има 219. Разликата меѓу кандидатите ќе биде во седум сојузни држави каде што е исклучително тешко да се предвиди како граѓаните ќе гласаат во ноември. И тоа ги прави овие избори повторно неизвесни, иако Харис има генерално предност пред Трамп.
Станува збор за следниве „неодлучни“ држави: Аризона, Џорџија, Северна Каролина, Пенсилванија, Мичиген, Невада и Висконсин. Состојбата во овие држави на САД е „кошмар“ за аналитичарите, кои можат само да погледнат на анкетите и да кажат дека сѐ уште нема јасен победник на изборите.
Победата во Пенсилванија носи 19 електори, Џорџија и Северна Каролина носат по 16 електори, Мичиген носи 15 електори, Аризона носи 11 електори, Висконсин носи 10 електори, како и на крајот Невада која носи 6 електори. Сите овие држави имаат свој контекст, според кој идеолошки и пропагандно поставуваат своја кампања двата табора. Во сите овие „неодлучни“ држави разликата во анкетите е тесна, на ниво на статистичка грешка.
Дел од републиканците против Трамп
Бруталниот популизам на Трамп и препознаената опасност по демократските вредности, уште на минатите избори му донесе поддршка на демократот Џо Бајден од голем број на незадоволни републиканци од начинот на кој Трамп ја замислува и практикува и оваа кампања. Тимот на Харис води паралелна кампања, со целни пораки кон републиканците, со цел што повеќе републиканци да се спротивстават на бруталниот популизам на Трамп.
Повеќе од 200 вработени за четворица претходни републикански претседателски кандидати ја поддржаа кандидатурата на демократката Камала Харис за Белата куќа, предупредувајќи дека идејата за втор мандат за кандидатот за републиканците Доналд Трамп е „едноставно неодржлива“ и „ќе ги повреди вистинските, обичните луѓе“.
Во отвореното писмо, 238 луѓе кои работеле и за помладиот и за постариот Буш, како и за поранешниот сенатор Џон Мекејн од Аризона и сенаторот Мит Ромни од Јута, ги повикуваат своите колеги „умерени републиканци и независни конзервативци“ да им се придружат во поддршката на Харис и нејзиниот кандидат за потпретседател, гувернерот на Минесота, Тим Волц, наместо да гласаат за Трамп и неговиот кандидат за потпретседател, сенаторот Џ.Д. Венс од Охајо.
„Се разбира, имаме многу искрени, идеолошки несогласувања со потпретседателот Харис и гувернерот Волц“, напишаа републиканците, истакнувајќи ја важноста на неколку држави кои се покажаа како клучни за тесната разлика на победата на демократот Џо Бајден во 2020 година. Тоа е за очекување и овој пат, затоа што алтернативата, сепак, е „едноставно неодржлива“. Со други зборови, разочараните републиканци велат дека идеолошката дебата со демократите ќе ја остават по страна, за да одговорат на заканата од бруталниот популизам на Трамп.
Овој став на „бунтовните“ републиканци може да биде од големо значење за резултатот на изборите.
Орбан и неговите за Трамп, демократската јавност за Харис
Изборите во САД се важни на глобално ниво. САД се сметаат за сила број еден во светот, а сите настани на нејзината политичка сцена се важни, особено онаму каде што демократските вредности имаат приоритет пред автократските режими. Изборите во САД внимателно се следат низ целиот свет. Особено што глобалната безбедносна ситуација е загрижувачка. Руската агресија против Украина и понатаму трае. Хоророт кој го гледа целиот свет во Газа никој нормален не остава рамнодушен.
Во оваа глобално нестабилна ситуација свое место има и Западен Балкан, па овие избори се важни и за нас регионално. Затоа за нашиот регион е важно што се случува во САД и кој на крајот ќе победи на претседателските избори. Еден дел од лидерите на Западен Балкан ја фаворизираат демократската кандидатка Камала Харис, додека дел од лидерите, предводени од Орбан, го фаворизираат поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп. Периодов гледавме како претставници на нашата Влада се гледаат со Гренел, симболот на блиската политика на Трамп со Орбан и Вучиќ. Јасно може да се заклучи дека политичката линија на Орбан-Додик-Вучиќ-Мицковски, на овие избори во САД се „кладат“ дека Трамп ќе победи. И јасно е дека локомотивата на оваа политика е Орбан.
Сепак, јас сметам дека САД имаат дефинирани цели што ги спроведува секоја администрација и од кои е многу тешко било кој да се откаже. Не би се плашел толку од евентуалното доаѓање на Трамп на власт, каде што тој значително би ја променил американската политика кон овој регион. Напротив, сметам дека орбановците би доживеале повторно разочарување за пропаднатиот влог во „кладбата“ за победа на „нивниот“ Трамп. Сепак, во неизвесната трка за претседател за САД, мојот фаворит е Камала Харис, како солидарност со демократските сили во САД, но и како адреса на која орбановците многу потешко би ги презентирале деструктивните планови за Западен Балкан. Нека орбановците си ја изгубат „кладбата“ уште на првиот вторник во месец ноември. И секако, најважно, демократскиот свет да добие енергичен лидер, кој ќе ги застапува демократските вредности во светот полн со предизвици. Напред, Камала Харис!
Авторот Џелал Хоџиќ е претседател на СДА Македонија