Кинеското присуство во Северна Македонија започнува во 2011 година, со учество во кинеската иницијатива „Појас и пат“, но, сиве овие години медиумите не се многу заинтересирани за критички поглед на тоа присуство. За ова разговаравме со новинари и експерти кои за Гласот на Америка ги изнесоа своите гледања.
„Имате иницијатива за глобален развој, има иницијатива за глобална безбедност итн. и ние сме дел од тоа. Дали тоа сакаме да го препознаеме или не, дали сакаме тоа да го гледаме како беневолентно или малигно влијание – тоа се повеќе политички позиции. Ние впрочем во регионот на Западен Балкан сме држава која е на второто место по висина на надворешниот долг. Замислете, ние не сме најголема земја, а најмалата земја во регионот, Црна Гора, пак има највисок процент на надворешниот долг од 40 отсто, следиме ние со 20 отсто“, вели новинарот Џабир Дерала, основач на ЦИВИЛ и главен и одговорен уредник на медиумската платформа Цивил Медиа.
Дерала смета дека странските влијанија, особено од Русија и Кина, во Северна Македонија се канализирани преку Србија.
„Се работи за тоа дека Србија со „Хуавеј“ и со Кина има одамна потпишан договор за инсталирање на 8.000 камери само во Белград кои се со можност за препознавање (на лица). Исто така, преку „М-тел“, српскиот телекомуникациски провајдер, (Кина) влезе во Македонија пред неколку години, тоа е исто така канал за продор на кинеските интереси, меѓутоа само еден мал (дел). Ние како држава веќе имаме поголем број проекти кои се однесуваат на „Патот на свилата“ или иницијативата „Појас и пат“ и тука имаме сериозен проблем. Зошто? Заради (влијанието на) демократијата и демократскиот развој“, додаде тој.
Главниот и одговорен уредник на новинската агенција „Мета“, Горан Ризаов, вака го објаснува влијанието на Кина и игнорирањето на тоа влијание од страна на македонските медиуми:
„Повеќе македонски медиуми имаат директна соработка со кинеската амбасада овде. Една национална телевизија ја емитува познатата кинеска емисија „Нихао“. Има и еден дневен весник кој што секој викенд има прилог посветен специјално на Кина. Кинескиот амбасадор е доста присутен со интервјуа и со колумни во различни медиуми и исто така многу од онлајн медиумите имаат соработка со Кина, поради тоа многу ретко можете да прочитате некаква критика за кинеската држава во македонските медиуми. Значи, идејата на Кина е да ко контролира наративот кој што се однесува на оваа држава“, изјави Горан Ризаов, главен и одговорен уредник на новинската агенција „Мета“.
Кинеските погледи и активности генерално се прикажуваат во позитивна светлина. Кинезите се претставуваат како работлив, технолошки поткован и снаодлив народ, вели Ризаов. Преку споделување на видеа, мемиња и содржини на социјалните мрежи се спроведува голем дел од пропагандата на комунистичката држава, вели тој.
„Во Кина подолго време на власт е комунистичката партија и таму грижата за човековите права е на многу ниско ниво, особено за правото на говор или слободата на печатот. Таму има голем дел на новинари кои што се затворени. Самите медиуми се под целосна државна контрола. Речиси и да нема слободни медиуми во Кина. Но, за тоа нема да читате во македонските медиуми“, објаснува Ризаов.
За доминацијата на кинеската пропаганда во македонските медиуми и пошироко во регионот, потврдува и специјалистката за релациите Кина – Европска Унија – Западен Балкан, Ана Крстиновска.
„Србија има најголем извоз кон Кина. Неодамна потпишаа договор за слободна трговија, имаат најмногу кинески директни инвестиции вклучително и гринфилд инвестиции меѓутоа сето тоа се должи на своевидна награда од Кина кон Србија затоа што Србија од своја страна, пак, ги штити интересите на Кина на Балканот и во Европа. Ги застапува односно се усогласува со кинеските позиции во меѓународни организации, преку српските, пред се` провладини медиуми, кинеската визија за светот и нејзините идеи за промена во глобалното уредување продираат насекаде не само во Србија, заради тоа што и ние, и во Босна и во Црна Гора, се гледаат тие српски медиуми и Кина прави нешто што ние го нарекуваме позитивна условеност, односно ја наградува Србија за нејзината политичка посветеност со економски придобивки“, вели претседателката на „Естима“, Ана Крстиновска.
Новинарите и експертите се согласни за ризикот дека економската зависност на Северна Македонија кон Кина може да биде искористена за политичките цели на Кина, што не се линија на националните стратешки интереси.
Извор: Гласот на америка (VOA)