Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција за 100 дена влада. остана без конкретен одговор и со празна реторика на прашањето за тоа – што ќе преземе Владата за патот кон ЕУ.
– Нека биде денеска денот кога ќе имате јасна чиста и кристална мисла, за тоа што ќе правите и што имате намера да преземите за нашиот пат кон ЕУ. Знаеме што нема да направите, но што ќе преземето конкретно, како ќе изгледа надоврешната политика на Македонија во однос на евроинтеграциите?, новинарка на денешната прес-конференција упати прашање до Мицкоски.
Фокусот на оваа влада, рече Мицкоски, останува кон ЕУ и исполнување на нашата стратешка цел, полноправно членство во ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели кои што се дел од европското семејство и продолжуваме да градиме пријатели кои се дел од европското семејство, дададе тој.
„Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите и земји членки на ЕУ и дека тоа е начинот и правиот пат, простете но јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи и јас не сум инаетлив човек, напротив, сум многу конструктивен и секогаш кога аргументите на соговорникот ги победуваат моите аргументи, јас сум подготвен да ги прифатам. Но за жал во овие две децении јас не слушнав ниту еден аргумент зошто ние да не бидеме дел од европското семејство“, истакна Мицкоски.
Како влада, рече Мицкоски, продолжуваме да ги решавме проблемите на граѓаните, на државата, и остануваме посветени на патот кон полноправно членство во ЕУ, градејќи партнерства и пријателства.
Верувајте, продолжи тој, денеска во очите на многу земји членки, во очите на луѓето кои сега го завршуваат својот мандат во рамките на европскиот совет, ние сме тие кои што апсолутно имаат аргументи, а тие немаат аргументи.
„Јас диктати, тие се таму вие сте ваму, не прифаќам во животот и тука нема цена. Диктати закани и уцени не прифаќам, кој и да е. Со нас се македонските граѓани. Позади нас се повеќе од 600 илјади македонски граѓани кои што излегоа на изборите и кои што гласаа за оваа коалиција. Сè додека тие нè поддржуваат, тие ќе бидат нашата инспирација и ние ќе работиме секојдневно за ние да ги исполниме нивните очекувања“, потенцира Мицкоски.
Ј. Ѓ.