Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека не е проблемот дали да се оди на предвремени парламентарни избори, туку дали е потребно сега да се трошат пари за избори. На ист став се и од албанската коалиција „Влен“ која е дел од Владата, додека опозициските СДСМ и ДУИ се изјаснија дека се подготвени за предвремени избори.
Премиерот Мицкоски во изјава за медиумите дадена вчера во Скопје рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да оди на избори, но дека прашањето е дали е потребно да се потрошат дополнителни 10 милиони евра за избори, пари на граѓаните. Посочи дека во тој период ќе застане системот, нема да се испорачуваат реформи, за да, како што посочи, „уште еднаш СДСМ се соочи со уште еден голем пораз“.
– Овој пат мислам дека ќе биде поголем од тој што го имаа пред шест месеци. Или да избереме опција да работиме четири години и да ги засукаме ракавите за доброто на граѓаните. Јас би ја избрал втората опција. Затоа реков мандатот на оваа Влада на граѓаните што го доби е четири години. Дали сме подготвени? Утре да одиме, подготвени сме, нема тоа никаков проблем. Но, ние носиме одлуки што се во интерес на граѓаните, не во интерес на љубители на естрада, рече Мицкоски.