Предлог Буџетот за 2025 година е првиот буџет што оваа Влада го предлага, и токму во него граѓаните очекуваа политики кои ќе донесат подобар живот и економски развој. Но, наместо тоа, добивме документ без визија и креативност, кој е нереален, неразвоен и недомаќински, со цел да ги задоволи само предизборните активности. Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и уште една изгубена година за економијата и за граѓаните, велат опозициските партии.
– Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Со раст на БДП од 3,7% што Владата го предвидува, а кој нема шанси да биде постигнат, овој буџет е уште еден обид за замајување на јавноста, изјави Венко Филипче – лидер на СДСМ.
Тој нагласи дека и проекциите на Народната банка и Светската банка се под овие бројки, со што станува јасно дека овие бројки нема да донесат реален економски раст, туку зголемување на јавниот долг.
– Сите овие податоци покажуваат дека Владата е подготвена да ги задолжува граѓаните до следните три поколенија, без да создаде развој“, продолжи Филипче.
Тој потсети и дека власта со својот прв Предлог Буџет постапува незаконски, со дефицит од 4% од БДП, спротивен на законските ограничувања кои дозволуваат максимум 3%.
– Со ваков пристап само го оптоваруваме буџетот, што на крајот ќе значи зголемени даноци или кратења на јавните услуги за граѓаните, додаде тој.
Дополнително, Филипче остро ја критикуваше Владата за зголемување на непродуктивните трошоци и кратење на капиталните инвестиции во клучни сектори како здравство и образование.
„Зголемувањето на средствата за стоки и услуги и договорни услуги, наспроти кратењата во клучни сектори, само потврдува дека оваа власт нема концепт за развој. Граѓаните заслужуваат повеќе вложувања во образование и здравство, а не бесмислени трошоци,“ рече тој.
Претседателот на СДСМ исто така се осврна на средствата од заемот од Унгарија, планирани за поволни кредити преку деловните банки, за кои Владата се согласи граѓаните да ги плаќаат каматите.
„Зошто Владата ги задолжува граѓаните за да ги плаќа банкарските камати на компании кои не придонесуваат за подобрување на животниот стандард на луѓето?“ праша Филипче.
Филипче потенцираше и дека капиталните инвестиции во предлог буџетот покажуваат целосна безидејност. „Владата нема ниту еден сопствен проект, а капиталните проекти кои СДСМ ги започна, како коридорите на Бехтел и Енка, остануваат единствените што ќе се реализираат,“ изјави тој.
Притоа, Владата не предвидела значајни средства за модернизација на енергетски капацитети, гасификација или проекти за енергетска ефикасност. „Енергетската трансформација што ја започна СДСМ, како и поддршката за земјоделството, сега се намалени и занемарени. Оваа Влада не се грижи за долгорочен развој и остави земјоделците и малите претпријатија без соодветна поддршка“, рече Филипче.
Генералниот секретар на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Фатон Ахмети истакна дека Предлог-Буџетот за 2025 година не е развоен и демократски.
– Во една позната изрека на римскиот политичар и државник Цицерон, за буџетот се вели: Буџетот мора да се избалансира, Државната каса да се надополни, јавниот долг да се намали, ароганцијата на службениците да се ублажи и контролира. Анализирајќи го предлог-буџетот, со жалење констатираме дека ниту една од овие карактеристики или атрибути на развоен и демократски буџет не е ни приближно предвидена во владиниот предлог-буџет за 2025 година. Зошто го кажуваме ова? Имаме енормно зголемување на буџетските расходи, касата нема да се полни затоа што не се почитуваат фискалните правила со дефицит, кој сега е уште поголем од 2024. Јавниот долг уште повеќе ќе се зголеми и сето тоа покажува дека ароганцијата на функционерите ниту се скратуваат ниту се контролираат, рече Ахмети.
Според него, евидентно е дека буџетот за 2025 година не ги почитува фискалните правила сега дефинирани со закон.
– Неопходно е да изразиме длабоко жалење и разочарување, од оние кои ветуваа фискална консолидација по формирањето на владата без етнички легитимитет. Во нивниот предлог-буџет евидентно е дека буџетот за 2025 година не ги почитува фискалните правила сега дефинирани со закон. За да биде појасно за пошироката јавност, во предложениот буџет за 2025 година има поголеми приходи и расходи од буџетот за 2024 година, во структурата на буџетот капиталните расходи се пониски (12,6 проценти наспроти 13,1 проценти) и има поголем дефицит во однос на првичниот буџет за 2024. Зборуваме за буџетот за 2024 година пред ребалансот од страна на владата без етнички легитимитет, кога буџетскиот дефицит значително се зголеми, а резервираните средства за капитални и стратешки проекти за 2024 година се намалија, рече тој.
Ахмети нагласи дека еден од главните дефекти на буџетот е високиот буџетски дефицит.
– Овие планирани приходи и расходи резултираат со проектиран буџетски дефицит во апсолутна вредност од 41,4 милијарди денари или на ниво од 4 проценти од проектираниот БДП. Иако е помал од проектираниот дефицит со ребалансот на буџетот за 2024 година, но за ова треба да се почека следниот ребаланс, ако се спореди со првичниот буџет за 2024 година тој е повисок, беше планиран на ниво од 33,5 милијарди денари, поточно на ниво од 3,4 отсто од проектираниот БДП. Јавниот долг продолжува да расте. Со високиот буџетски дефицит, јавниот долг се зголемува на над 60 отсто од БДП, што на крајот на оваа година се предвидува да биде 62,7 проценти од БДП и уште поголем на крајот на 2025 година – дури и според Стратегијата за Управување со јавен долг 2025-2029, објавен во октомври 2024 година, јавниот долг ќе достигне 65,2 проценти од БДП. Но, да бидеме искрени, мораме да го поздравиме и фактот што во предлог-буџетот за 2025 година е нагласено дека најголем придонес во растот за 2025 година се очекува да имаат бруто инвестициите со пораст од 8,1 проценти, главно како резултат на интензивирањето на реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, главно автопатиштата во Коридорите 8 и 10Д, проекти кои од сите партнери на оваа власт беа повеќе од критикувани дури и од албанските партнери без легитимитет, рече Ахмети.
СДСМ поднесе повеќе од 200 амандмани на предлог Буџетот за 2025 година. Овие амандмани се конкретни решенија кои значат поголеми плати и повеќе пари за граѓаните.
Дестан Јонузи