Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ денеска изјави дека до крајот на месецот ќе бидат завршени Измените и дополнувањата на Законот за енергетика со кои ќе се укине мораторумот на изградба на нуклеарни електрани, пренесува МИА.
Во изјава за РТС таа нагласи дека по повод посетата на високата делегација на Србија на Будимпешта на чело со претседателот Вучиќ, заедничката работа меѓу Србија и Унгарија во енергетиката е многу важна.
„Соработката со Унгарија во енергетскиот сектор е од големо значење и сакаме да ја зајакнеме преку заеднички компании или со инвестирање во нивните внатрешни капацитети“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа нагласи дека секој дополнителен капацитет ќе значи многу во иднина, бидејќи се очекува поголема потрошувачка на енергија, како од граѓаните, така и од стопанството.
Ѓедовиќ Хандановиќ потсети на проектот во кој се градат соларни централи со моќност од еден гигават и дека е многу важно да се дојде до нови гасни централи.