Центарот за управување со кризи информира дека гостите од хотелот „Радика“ во Маврово, кои беа заглавени поради обилните врнежи од снег и непроодниот пат, вчеравечер се извлечени со помош на специјално возило на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.
-Од последниот контакт во 20 часот со дежурниот во ПС Маврово добиена е информација дека возило на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта вози напред, а по него се гостите од хотелот со своите возила. Возат бавно, но ќе успеат да стигнат до конечните дестинации, информираат утрово од ЦУК.
Екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта во текот на денот вршеле сечење на паднатите дрвја на делницата до хотелот.
На терен имало и машина за чистење снег, која ги расчистувала снежните наноси на овој потег.
Според Центарот за управување со кризи, висината на снежната покривка на овој дел е околу 80 сантиметри.
Од ЦУК информираат дека поради врнежите од дожд, состојбата во поголемиот дел од Северозападниот Регион е стабилна и сообраќајот се одвива нормално, а снабдувањето со електрична енергија е редовно.