Довчерашните партнери во власта, СДСМ и ДУИ последниве денови ги вжештија меѓусебните обвинувања за тоа кој предизвикува етничките тензиии, и кој се обидува да созададе „албанофија“ во земјава.
Во соопштение до јавноста, ДУИ обвинува дека СДСМ избра да го искористи бранот албанофобија, по патот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка стратегија, ставајќи ги Албанците како егзистенцијална закана за Македонците.
Од друга страна СДСМ, го обвини лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за поттикнување на етнички тензији, истакнувајќи дека тој треба конечно да излезе од националистичкиот филм.
Во соопштение до јавноста во кое ДУИ укажува на обидите на СДСМ за созадавање „албанофија“ во јавноста, се вели дека Македонците не ја мразат ДУИ затоа што имаше корупција – тие ја мразат затоа што ДУИ ги овластил Албанците и ги промени старите баланси на моќ и ги скрши етничките монополи, велат од ДУИ.
„Тие не ја гледаат ДУИ како криминален проблем, бидејќи самите македонски партии владеат со оваа држава 30 години, ограбувајќи ја и деградирајќи ја.Македонците денес се манипулирани да веруваат дека Албанците се нивна егзистенцијална закана, констатираат од ДУИ во соопштението и прашуваат: Но, кој ја засадува оваа идеја?
Денес, македонските партии, предводени од експоненти на ‘српскиот свет’ како Стоилковиќ, го всадуваат кај Македонците стравот дека Албанците им се непријатели, велат од ДУИ и додаваат дека во реалноста, Албанците никогаш не биле и не се егзистенцијална закана за Македонците. Вистинската закана за нив се оние што им ја негираат црквата, јазикот, идентитетот. Тие што сакаат Северна Македонија да остане слаба, изолирана и разединета, се истите што ја внесуваат оваа психологија на страв.
Од ДУИ сметаат дека албанофобијата не е спонтано чувство на Македонците – таа е политички проект, поттикнат и финансиран од странски интереси за Северна Македонија да остане заробена во конфликт и несигурност.
И за жал, македонските партии, наместо да го водат својот народ кон заедничка и сигурна иднина, ја користат оваа нарација за краткорочни политички профити, посочуваат од ДУИ во соопштението. Но времето на овие игри истекува. Албанците нема да дозволат да бидат жртвувани за пропаднатите политики на СДСМ, ДПМНЕ или за странски агенди кои работат против Македонија.
Оваа земја нема иднина изградена врз омраза и етнички поделби. Тие што денес сеат раздор, утре ќе останат сами во урнатините на нивната изгорена политика“, се додава во реакцијата на ДУИ.
Како одговор од СДСМ посочуваат дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети треба конечно да излезе од националистичкиот филм. Неговата реториката за постојаното подгревање на етнички тензии како алатка за политичко делување се неприфатливи и опасни за земјата. Таквите политики и филмови со воени униформи се несоодветни провокации за кои нема место во нашето мултиетничко општество.
Од СДСМ укажуваат дека тоа е така заради тоа што тие се единствената партија која вистински се залага за соживот и добри односи меѓу етничките заедници. СДСМ докажала и покажала дека е единствена партија која ги бранела правата на помалите етнички заедници помали заедници секогаш кога биле загрозени. СДСМ има фобија од националисти и популисти и на таквите секогаш ќе реагираме.
Со своето делување Ахмети и ДУИ му овозможуваат на ВМРО-ДПМНЕ да дополнително да ја подгрева меѓуетничката ситуација во земјата и политички да профитира. Индиректно, ДУИ е таа која со своето однесување креира албанофобија, велат од СДСМ.
Иако ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ јавно се осудуваат меѓу себе, нивната неформална соработка е повеќе од очигледна. Граѓаните видоа заеднички гласања во Собранието, а врв беше скандалозно пуштање на Артан Груби надвор од земјата, слободно преку границата, стои во соопштението.
И претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во во интервју за „Независен“ ја отфрли можноста за поврзување со ДУИ и ја нагласи потребата од политики кои обединуваат, а не, како што вели, кои делат.
СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на било која партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме. Нивната реторика и постојаното подигање на етнички тензии како алатка за политичко делување е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество, изјави Филипче во интервјуто за „Независен“.
Дополнително, од СДСМ најавија дека нема да ги поддржат и нема да гласаат за интерпелациите поднесени од ДУИ, затоа што, како што оценуваат, не се потребни нови поделби по етничка основа.
М. Д. / Цивил Медиа