Денеска е пуштен во употреба експресниот пат Градско – Дреново.
Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус еден километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат.
– Убаво е кога се отвораат капитални проекти. Пелагонија добива нов модерен експресен пат што ќе значи економски развој и поврзување со соседите. Но мора да се истакне дека овој проект комплетно беше блокиран од претходната Влада. Ние за еден месец успеавме да ги решиме проблемите и да го изградиме овој прекрасен пат, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во своето обраќање.
„Навистина е задоволство во рок од само десетина дена второ големо отворање. Денеска го отвораме експресниот пат кој што треба да не поврзува од Градско до Дреново дел од експресниот пат Градско – Дреново – Фариш. Еден преубав експресен пат кој што ќе значи многу за поврзувањето на Прилеп, Битола, на Могила, Новаци, Кривогаштани, на Крушево, секако и Росоман и поврзување со главниот град, но исто така ќе значи и поврзување со соседна Грција и поврзување на Коридор 10. Ова е Коридор 10 д кој што треба да значи целосно автопатско или експресно поврзување со вториот голем граничен премин, тоа е граничниот премин Меџитлија и навистина честитки за сите кои што учествуваа во изградбата. Обично не сакам да зборувам за проблеми и ќе кажам дека ќе завршуваме проекти затоа што сме избрани да работиме, а не да се жалиме. Но пред мене е првиот документ кој го добив кога станав министер за транспорт. Првата голема главоболка со која што се соочив и се соочи Владата е извештајот за тоа во каква состојба беше овој експресен пат. Ќе ви кажам директно, работници немаше, активности немаше, не беа решени косините, сега гледате како прекрасно изгледаат двете страни на патот и недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се исплатат и да се доврши реализацијата на овој експресен пат. Изведувачот се спремаше за арбитража, веќе првите чекори беа преземени и работниците беа повлечени. Причината беше претходната Влада која година и половина не сакала да потпише два адендуми, Адендум 3 и 4, кој што беа договорени со ДЕУ и не сакала да формира Комисија која што ќе ги спроведува. Новата Влада за само месец дена ја формираше Комисијата, истата се формираше на крајот од јули, во тек на август се работеше на содржината на овие два адемндуми и на 12 септември проблемите се решија. Од 12 септември до буквално Нова година се работеше, се заврши комплетно и сакам да честиттам на сите бидејќи имаме експресен пат“, истакна Николоски.
Овие работи, нагласи министерот, треба да се кажат бидејќи народот треба да знае кој работи а кој не работи. Овој пат денеска што го гледате е реален и не е направен со вештачка интелегенција како што го имаше во одредени пропагандни спотови во изборите и ова е најдобра подршка зошто оваа влада треба да биде подржувана од народот за уште поубави проекти.
„За брзо време ќе го отвориме и вториот дел, кој што оди од Дреново до Фариш, таму има два преубави тунели кои што ќез начат нова содржина, ако сакате и во туристичкиот дел во овој регон, а понатаму ќе работиме и на изградба на трета лента на Плетвар каде што сега нема, некаде е кај Беловодица до Прилеп како би можело од Скопје до Прилеп да се патува за час – час и десетина минути. Исто така веќе работиме на и изградба на автопат од Скопје до Битола како би можело од Скопје до Битола да се патува за час и половина“, истакна Николоски.
Од СДСМ истакнуваат – Експресниот пат Градско – Дреново над 92% е реализиран од СДСМ и горди сме што е завршен
– Со гордост ја информираме јавноста за пуштањето во употреба на експресниот пат Градско – Дреново, проект кој има огромно значење за граѓаните на Прилеп, Битола, Ресен, Крушево, Градско и целиот Прилепско-Пелагониски регион кој е потврда на вистинските политики на СДСМ, рече денеска пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
„Овој проект, вреден над 37 милиони евра, е резултат на посветената работа на Владата предводена од СДСМ, која преку одговорни и визионерски политики вложуваше во развојот на патната инфраструктура и подобрувањето на животот на нашите граѓани,“ рече Талески.
Проектот, рече Талески, е реализиран со над 92% од страна на претходната влада на СДСМ и опфати:
„Изградба на трите клучки кај Градско, Росоман и Дреново;
Четири вијадукти;
Сите мостови, надпатници и подпатници;
Поставување на 98% од асфалтот.
Актуелната власт денеска ќе се кити со туѓи перја, завршувајќи само 50 метри асфалт пред пуштањето во употреба. Но важно е што граѓаните конечно добиваат целосно функционален пат кој ги задоволува највисоките европски стандарди,“ додаде Талески.
СДСМ очекува дека наскоро ќе биде завршена и делницата од Дреново до Фариш, која е веќе над 80% реализирана благодарение на претходната работа на владата на СДСМ.
„Ова е пат кој значи економски развој, подобра поврзаност и повисока безбедност за сите жители на регионот,“ истакна Талески, потсетувајќи на претходните инвестиции во патната инфраструктура: Обновената делница кај Плетвар; Патот од Прилеп кон езерото; Започнатата изградба на автопатот Прилеп-Битола, дел од Коридорот 10д, прв автопат во овој регион.
Талески упати благодарност до сите градежни работници, инженери и проектанти кои вложија труд во реализацијата на овој значаен проект.
„Ова е потврда дека СДСМ работи за реалните потреби на граѓаните, создавајќи проекти кои го унапредуваат животот во нашата земја,“ заклучи пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
Вредноста на проектот, како што соопшти владината прес-служба, е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.